Се отвора „Браќа Манаки“ – Битола подготвена за светските имиња на филмската камера

Јануш Камински, Воли Фистер, Тимо Салминен, Семи Капланоглу и уште низа големи имиња од светската кинематографија пристигнуваат во Битола. Утре започнува 47. ИФФК „Браќа Манаки“ – фестивал кој годинава носи рекордна програма, бројни гости и нови содржини.

Битола повторно ќе биде место каде што ќе се сретнат некои од најголемите имиња зад филмската камера. Покрај лауреатите Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, фестивалот годинава во градот ги носи и Јануш Камински, двократен добитник на „Оскар“, Воли Фистер, познат по соработката со Кристофер Нолан, како и Тимо Салминен и Семи Капланоглу.

„Имаме импресивна програма со рекорден број филмови и едукативни содржини, но и огромна бројка на гости“, истакна директорот на фестивалот Димитрија Доксевски на денешната прес-конференција.

Годинава фестивалот носи и ново искуство за публиката – кино под отворено небо во Музејот на Битола. Проекциите од макпоинт програмата ќе бидат бесплатни, со што фестивалот ќе излезе и надвор од традиционалните фестивалски сали.

Главната селекција ќе се прикажува во Центарот за култура, каде е обезбедено ново платно и нов проектор, со што организаторите најавуваат подобри технички услови и поквалитетни проекции.

Но, „Браќа Манаки“ годинава не е само филмски фестивал. Друштвото на филмските работници започнува соработка со Европската филмска академија, а во рамките на фестивалот ќе се отвори и серија професионални панели посветени на кинематограферите.

Првиот ќе се одржи на 21 септември, со учество на Тимо Салминен и Јануш Камински.

Посебно место повторно има и макпоинт програмата, во која ќе бидат прикажани повеќе македонски филмови.

„Многу ми е драго што макпоинт програмата повторно е дел од фестивалот. Тоа е мошне важно за македонската кинематографија и за публиката да може да ги види филмовите“, истакна Марија Димитрова.

Фестивалот се отвора утре во Центарот за култура во Битола, со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума.

Од утре, Битола повторно ќе биде градот во кој филмската камера е главната ѕвезда.


1077

Задолжително

Verified by MonsterInsights