Мицкоски од Вашингтон: Македонија нема да чека – економијата мора да оди напред

Премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се пред Атлантскиот совет во Вашингтон, ги претстави стратешките приоритети на Владата, при што порача дека Македонија нема да чека во место додека трае процесот на европска интеграција.

Тој истакна дека стратешкото партнерство со САД останува клучно и дека Македонија, како членка на НАТО, ќе продолжи да ги исполнува преземените обврски, но и да инвестира во инфраструктурата, енергетиката и дигиталниот развој.

Како приоритети ги посочи Коридорите 8 и 10, развојот на енергетските интерконектори со Грција и Србија, како и создавањето услови Македонија да стане регионална енергетска и транзитна крстосница.

Мицкоски најави и развој на примарен државен дата-центар, поврзан со постојниот секундарен центар и облак-инфраструктура, со цел поголема кибербезбедност и заштита на државните податоци.

Во однос на ЕУ, тој порача дека Македонија останува посветена на членството, но очекува процесот да биде попредвидлив и да се темели на реформи и заслуги, наместо на нови билатерални услови.

Во меѓувреме, како што истакна, Владата ќе продолжи со економски реформи, привлекување инвестиции и развој на високите технологии и вештачката интелигенција.

Мицкоски го посочи и растот на економијата од 4,3 проценти во вториот квартал, оценувајќи дека земјата е меѓу европските држави со повисок економски раст.


1076

Задолжително

Verified by MonsterInsights