Отворено 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“
Битола повторно ги пречека врвните светски кинематографери и филмски професионалци со свеченото отворање на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот и годинава ја продолжува традицијата на поврзување на македонската кинематографија со светската филмска сцена.
Свеченоста во Центарот за култура започна со музички перформанс под диригентската палка на Џијан Емин, со настап на детскиот хор „Ѕвончиња“ и „BitVox“.
Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски истакна дека „Браќа Манаки“ е фестивал на кој се создава, чува и негува филмската традиција.
„Пред повеќе од 100 години, кога за првпат се појави камерата, се роди и желбата да се снима животот, со една цел – да се сочуваат спомените. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи“, порача Доксевски.
На свеченоста актерот Петар Арсовски ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која му ја врачи претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова. Арсовски се заблагодари за признанието, истакнувајќи дека повеќе од пет децении учествува во создавањето на македонската кинематографија.
Во Битола пристигна и Јануш Камински, кој шест години по доделувањето на „Златна камера 300“ за животно дело лично го прими признанието. Камински изрази благодарност за наградата и за топлиот прием во Битола.
Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност му припадна на Џеф Кроненвет. Наградата му ја врачи градоначалникот Тони Коњановски. Кроненвет посочи дека „Браќа Манаки“ има особено значење затоа што ја слави работата на кинематограферите и ги поврзува генерациите филмски автори.
Специјалната „Златна камера 300“ за животно дело му беше доделена и на Дан Лаустсен, кој признанието го прими од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку културна институција со препознатлив меѓународен авторитет и мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската“, истакна Сиљановска-Давкова, прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Во официјалната конкуренција се 12 филмови, меѓу кои и два македонски, а во следните фестивалски денови ќе бидат прикажани вкупно 84 филмови. Битола ќе пречека околу 1.000 автори, филмски професионалци и гости од целиот свет.
На отворањето беше доделена и наградата „Сумолајт“ за тандем од кинематографер и гафер. Годинашни добитници се Мајкл Снајмен и Михалаче Флорин.