Мицкоски со македонската заедница во САД: „Каде и да се нашите луѓе, таму е и дел од Македонија“
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со македонската заедница во Њујорк и Њу Џерси, во рамки на посетата на САД.
Мицкоски присуствуваше на литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, каде што беше пречекан од бројни членови на македонската заедница.
Средбата беше можност да се разговара директно со Македонците кои живеат во САД, но и да се потврди значењето на врската меѓу дијаспората и татковината.
„Благодарност за топлото гостопримство и за посветеноста со која Македонците во дијаспората ја чуваат врската со татковината. Нашата грижа и поддршка за македонските заедници надвор од Македонија останува силна, затоа што каде и да се нашите луѓе, таму е и дел од Македонија“, порача Мицкоски.
Претседателот на црковната заедница „Св. Кирил и Методиј“, Тони Коцевски, ја поздрави посетата, истакнувајќи дека е важно премиерот да биде меѓу македонските иселеници и директно да разговара со нив.
Од заедницата беше упатена порака дека соработката со матичната држава треба дополнително да се развива, особено преку инвестиции, економска соработка и создавање можности за иселениците кои сакаат да се вратат и да го продолжат животот во Македонија.
Посетата испрати порака дека македонската дијаспора е важен дел од националното и општественото поврзување со татковината.
Државната делегација предводена од премиерот Мицкоски престојува во Њујорк по посетата на Вашингтон, каде што оствари средби со американски претставници. Во Њујорк Мицкоски учествува на годишното заседание на Обединетите нации.