„Браќа Манаки“: Жени во кинематографијата
Зад гламурот на филмскиот сет често стојат долги работни денови, огромен притисок, конфликти и исцрпеност. За ова отворено се зборуваше на WIC панелот „Ментално здравје, граници и конфликт менаџмент“, во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“.
Кинематограферките Никола Далеј, Олимпија Митилинаиу, Бојана Андриќ, Адријана Беротеран и Рејчел Кларк, со модераторката Вика Сафригина, зборуваа за предизвиците во професија во која границата меѓу работата и приватниот живот лесно се губи.
Митилинаиу од Атина посочи дека родовата нееднаквост сè уште е присутна на филмските сетови.
„Живееме во многу машки свет, а во Грција тоа е уште поизразено. Како жена, тешко можеш да влијаеш со своето мислење“, рече таа.
Андриќ нагласи дека добрата подготовка и способноста целосно да се исклучите од работата се важни за менталното здравје, но како сериозен проблем го посочи сексизмот. Таа сподели и податок од истражување меѓу 500 директори на фотографија, според кое околу половина доживеале бранaут.
Кларк раскажа дека била толку уморна што не можела да вози за да го посети семејството за викенд.
„Тогаш знаеш дека си ја достигнал границата“, рече таа.
Учесничките порачаа дека грижата за менталното здравје треба да стане составен дел од филмската продукција, а не тема за која се зборува дури кога проблемот ќе стане сериозен.