Самир Љума: „Токму фестивалот ‘Браќа Манаки’ е причина што станав кинематографер“
Храбрите теми, разновидната селекција и визуелниот пристап беа во фокусот на денешната прес-конференција на 47. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Кинематограферите говореа за предизвиците при снимањето и начинот на кој камерата ја гради филмската приказна.
Јанис Мазух, кинематографер на „Срам и пари“, прикажан во главната конкуренција, рече дека екипата една година се подготвувала за снимањето во Приштина. Режисерот сакал градот, архитектурата и пејзажите да бидат важен дел од приказната, а камерата да биде блиску до актерите.
„На еден начин камерата требаше да стане член на семејството, а не да биде на дистанца“, рече Мазух, истакнувајќи ги предизвиците со малите простори и осветлувањето.
За „Црни пари за бели ноќи“, кинематограферот Александар Станишев рече дека реалистичниот пристап е комбиниран со поразиграна визуелна атмосфера и посветли бои. За филмот биле снимени осум различни завршетоци.
Самир Љума, кинематографер на краткометражниот „Никола, Никола“, ја пофали краткометражната селекција.
„Веднаш прифатив да соработувам бидејќи режисерот е талентиран и знаеше точно што сака. Мене ми беше лесно неговиот сон и визија да ги претставам како слика“, рече Љума.
Од документарната програма беше претставен „Премини: Калех Зијарат“, додека филмот „Раѓање“ го претставија Марина Колоска, Милена Витман и Гоце Кралевски.
Турската актерка Есра Гонен говореше за „Патувањето на една ластовичка“, а од програмата „Макпоинт“ беа претставени „Кучињата немаат соништа“ и „Фантази“.
Прес-конференцијата уште еднаш ја истакна тематската и визуелната разновидност на годинешното издание на фестивалот.