Дан Лаустсен во Битола: „Мора да го правите тоа што го сакате – и обратно“
„Мора да го правите тоа што го сакате, но и обратно“ – со оваа порака данскиот кинематографер Дан Лаустсен ја започна средбата со публиката во киното „Манаки“, каде што во рамки на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржа семинарот „An Image Maker’s Journey“, организиран од LEITZ.
Трикратниот номиниран за „Оскар“ за најдобра кинематографија пред битолската публика зборуваше за својот професионален пат, од првите филмови по дипломирањето на Данската филмска школа до работата на големите меѓународни продукции.
Лаустсен својот прв долгометражен филм го снимил во 1979 година, веднаш по дипломирањето. Почетоците, како што раскажа, биле со мали екипи и ограничени ресурси, но токму таквите услови му помогнале да ја развие креативноста и да научи максимално да ја користи опремата што му стоела на располагање.
„На почетокот работев со многу мали екипи и ограничени ресурси. Токму тие услови ме научија да бидам креативен со опремата што ми е достапна“, рече Лаустсен, потсетувајќи се на периодот кога користел различни светла и евтини проектори.
Од првите продукции со двајца или тројца членови на екипата, па до денешните големи филмски продукции, за него останува важен еден принцип – големината на екипата треба да произлегува од приказната.
„Не можете да направите акционен филм со 10 луѓе. Јас лично сакам да работам со мала екипа и мали стории“, објасни тој.
Во текот на семинарот беа прикажани сцени од „Skyggen af Emma“ (Emma’s Shadow) од 1988 година, филм преку кој Лаустсен зборуваше и за својот визуелен пристап. Тој призна дека отсекогаш бил приврзаник на темните кадри и големите сенки, елементи кои станале препознатлив дел од неговиот кинематограферски израз.
Еден од предизвиците во неговата кариера била работата на францускиот филм „Le Pacte des loups“ (Brotherhood of the Wolf). Лаустсен раскажа дека ангажманот во француска продукција, како кинематографер од Данска, не бил лесен почеток.
„Го снимивме овој филм на француски јазик и тоа беше тешко на почетокот. Многу луѓе беа против тебе, велеа: ‘Што бара Дан од Данска во Франција?’“, се присети тој.
На продукцијата биле користени три камери кои снимале истовремено, а за визуелниот изглед на филмот биле водени бројни дискусии. Лаустсен зборуваше и за својата определба за висококвалитетни леќи, како и за искуството со првиот голем акционен филм во неговата кариера.
Посебно место во неговото професионално патување има и „Mimic“, филмот со кој започнала неговата соработка со режисерот Гиљермо дел Торо. Подоцна Лаустсен работел на голем број меѓународни продукции, но, како што нагласи, значаен дел од неговата работа и понатаму е поврзан со Данска и Скандинавија.
На семинарот беа прикажани и сцени од „John Wick: Chapter 4“ со Киану Ривс, преку кои Лаустсен го претстави процесот на создавање на визуелниот свет на филмот и предизвиците при работата на голема акциона продукција.
Средбата во Битола беше можност публиката одблиску да го запознае професионалниот пат на еден од најзначајните европски кинематографери, но и начинот на кој се гради визуелниот јазик на филмот – од идејата и приказната, до светлото, камерата и конечната слика на големото платно.