Битола доби три нови спомен-соби посветени на Александар Стерјовски

Во пресрет на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, во градот беа отворени три нови тематски соби посветени на музичкиот живот, урбаната историја и минатото на Офицерскиот дом. Поставките се посветени на професорот Александар Стерјовски, кој со децении истражуваше и документираше значајни моменти од минатото на родниот град.

Музичката соба го претставува музичкиот живот и културните традиции на Битола, Градската соба го отсликува развојот на градот и неговиот општествен живот, додека третата поставка е посветена на историјата на Офицерскиот дом, еден од најзначајните објекти во битолското градско јадро.

Новите содржини се дел од програмата „Сите бои на сеќавањето“, која по повод градскиот празник ја организираат Општина Битола и Културно-информативниот центар (КИЦ).

На свеченото отворање, градоначалникот Тони Коњановски го истакна придонесот на професорот Стерјовски, нагласувајќи дека неговата долгогодишна истражувачка работа оставила значајна трага во проучувањето на историјата на Битола.

„Еден град се памети и по начинот на кој живеел. По музиката што се слушала во неговите салони, по луѓето што ги исполнувале улиците, по зградите во кои се среќавале различни генерации“, изјави Коњановски.

Тој посочи дека отворањето на тематските простории е можност дел од богатото градско наследство да се претстави на нов начин и да им се приближи на посетителите.

„Во пресрет на празникот, отворањето на овие простори го насочува вниманието кон културната меморија и кон луѓето чија работа овозможила таа да остане достапна за следните генерации“, порача градоначалникот.

На настанот се обрати и директорот на КИЦ, Димитар Михајловски, а присуствуваа претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, секретарот на Општината, Борче Димитровски, градски советници, гости од збратимените градови и бројни граѓани.

Со отворањето на трите соби, Битола добива нови изложбени содржини што ќе им овозможат на посетителите да се запознаат со различни аспекти од нејзиното минато, а делото на Александар Стерјовски добива трајно место во културната понуда на градот.


1106

Задолжително

Verified by MonsterInsights