Успешен почеток на втората сезона за битолскиот карате клуб „Заншин До“ – 39 медали од три турнири

Карате клубот „Заншин До“ од Битола ја започна втората сезона во 2026 година со одлични резултати, освојувајќи вкупно 39 медали, три пехари, шест златни, 11 сребрени и 19 бронзени медали на два балкански и еден европски турнир.

Битолските каратисти настапија на три натпреварувања: „Ботони опен“ во Скопје, одржан на 13 септември, „Струга опен“, на 4 октомври, и „Дојран опен“, одржан на 1 ноември 2026 година.

На „Ботони опен“ клубот освои шест медали – две злата, едно сребро и три бронзи. Златни медали освоија Даријан Демири во кати и женскиот ката тим во состав Елена Јончевска, Михаил Марковски и Емилија Илковска. Сребрен медал освои Алексеј Петковски, додека бронзени медали освоија Михаил Марковски во кумите јуниори до 86 килограми, како и Емилија Илковска и Елена Јончевска во кати за јуниори.

На „Струга опен“ битолскиот клуб освои 12 медали – едно злато, четири сребра и седум бронзи. Златниот медал го освои машкиот ката тим во состав Михаил Марковски, Емилија Илковска и Виктор Ристевски. Сребрени медали освоија Николај Петковски, Даријан Демири, Виктор Ристевски и Давид Стојчевски. Со бронзени медали се закитија Алексеј Петковски, Тамара Стојановска, Николај Петковски, Емилија Илковска и Михаил Марковски.

Најуспешен настап клубот имаше на „Дојран опен“, каде што освои 21 медал – три злата, шест сребра и 12 бронзи. Даријан Демири освои две златни одличја во кати, а златен медал освои и машкиот ката тим во состав Елена Јончевска, Александар Божиновски и Виктор Ристевски.

Сребрени медали освоија Лана Бејковска во две категории, Михаил Костурски, Елена Јончевска, Александар Божиновски и Дамјан Митановски. Бронзени медали освоија Павел Груевски, Алексеј Петковски, Тамара Стојановска, Николај Петковски, Михаил Костурски, Емилија Илковска, како и женскиот ката тим во состав Елена Јончевска, Емилија Илковска и Николај Петковски.

„Горда сум како тренер на постигнатите резултати и очекувам висок пласман на Балканското првенство во Истанбул, Турција, кое ќе се одржи од 4 до 8 ноември. На првенството ќе настапат пет натпреварувачи од нашиот клуб, во категориите кати за кадети и јуниори, како дел од македонската карате репрезентација“, истакнува тренерката на клубот.

Успешните настапи на трите турнири се потврда за континуираната работа на клубот и добрата форма на младите битолски каратисти, кои сега ги очекува нов предизвик на меѓународната сцена.


1094

Задолжително

Verified by MonsterInsights