„Сите бои на сеќавањето“ – Битола го слави Денот на ослободувањето
Со филм, концерти, изложби, спортски натпревари, свечена академија и театарска претстава, Битола ќе го одбележи 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Манифестацијата „Сите бои на сеќавањето“, во организација на Општина Битола и Културно-информативниот центар (КИЦ) Битола, ќе се одржува од 30 октомври до 10 ноември.
Празничната програма ги обединува историското сеќавање, културното наследство и современиот уметнички живот на градот. Во неа се застапени филмски проекции, музички настапи, изложби, спортски активности и свечени чествувања.
Програмата започнува во петок, 30 октомври, со отворањето на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, во 18 часот, во малата сала на Центарот за култура. Истиот ден, од 16 до 20 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе се одржува 20. традиционален кугларски турнир, а во 20 часот во Центарот за култура концерт ќе одржи Бојана Скендеровски.
Во сабота, 31 октомври, фестивалот „Камера 300“ продолжува во 11 часот во малата сала на Центарот за култура, додека кугларскиот турнир ќе се одржува од 16 до 20 часот. Истиот термин за турнирот е предвиден и во недела, 1 ноември, кога во 8 часот ќе започне и ОФФ Роуд турата по повод ослободувањето на Битола, со поаѓање пред зградата на Општината.
Во понеделник, 2 ноември, во 17 часот во Офицерскиот дом е најавена програма на ЈОУДГ „Мајски Цвет“, а во 19 часот во киното „Манаки“ ќе биде прикажан документарниот филм за Ајри Демировски „Битола мој роден крај“, во организација на Македонско-турското дружење „Мустафа Кемал Ататурк“. Кугларскиот турнир продолжува од 16 до 20 часот.
Вторник, 3 ноември, носи неколку настани. Во 18 часот во Офицерскиот дом ќе биде отворена Спомен-соба во чест на професорот Александар Стерјовски. Во истото време, на плоштадот Магнолија ќе се одржи традиционалната атлетска трка во организација на Општинскиот сојуз за спортови Битола. Во 20 часот во Офицерскиот дом е закажана слушачка промоција на винил-плочата „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“. Кугларскиот турнир ќе се одржува и овој ден, од 16 до 20 часот.
Централното одбележување е во среда, 4 ноември. Програмата ќе започне во 10 часот со полагање цвеќе пред споменикот на НОАВМ на плоштадот Гоце Делчев, продолжува во 10:30 часот пред споменикот на Стив Наумов, а во 11 часот и на Партизанските гробишта.
Во текот на денот, од 10 до 18 часот, во Офицерскиот дом ќе се одржува музички маратон на Државното музичко училиште, а од 10 до 14 часот во Општина Битола ќе се реализира крводарителска акција на Општинската организација на Црвениот крст. Во 11 часот во кабинетот на градоначалникот е предвиден прием на делегации од збратимените градови.
Вечерната програма започнува во 19 часот во Центарот за култура со свечена академија и доделување на наградата „4 Ноември“. Во 20 часот следува музичко-сценскиот перформанс „Полноќни приказни во Офицерската палата“. Истиот ден, од 16 до 20 часот, ќе се одржува и кугларскиот турнир.
Во четврток, 5 ноември, во 12 часот на платото пред Офицерскиот дом ќе се одржи концертот „Нашата Битола, нашата музика“, во организација на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“. Во спортската сала „Боро Чурлевски“, од 19 до 20 часот, ќе се одржи затворањето на 20. традиционален кугларски турнир и доделувањето на наградите. Во 20 часот во галеријата „Магаза“ е најавена Ноемвриската изложба на ДЛУБ.
Празничната програма продолжува во петок, 6 ноември, со 26. Детски музички фестивал „Тра-ла-ла“, кој ќе се одржи во 19:30 часот во Центарот за култура. Во 20 часот во кафе-барот „Тигре“ ќе биде отворена самостојната изложба „Сонувани хоризонти“ на Дијана Колонцовска.
Во сабота, 7 ноември, во 19 часот во Офицерскиот дом е концертот „Музика и слово“, посветен на македонски и хрватски автори, во организација на Македонско-хрватскиот друштвен културен центар „Марко Марулиќ“ Битола. Во 20 часот во Алтернативниот галериски простор ќе биде отворена изложбата „Архетип: ‘рбет, гибел и дебели плешки“ на Марија Нешкоска.
Во понеделник, 9 ноември, во 12 часот во киното „Манаки“ ќе биде промовиран филмот „Стари снимки, нови кодови“, посветен на аудитивно-визуелизирањето на филмовите на браќата Манаки.
Последниот настан во рамките на програмата е театарската претстава „Татко“, во режија на Благоја Мицевски, која ќе се одигра во вторник, 10 ноември, во 20 часот на новата сцена на Народниот театар Битола.
Со мотото „Сите бои на сеќавањето“, празникот на Битола и оваа година се одбележува преку спој на историската меморија, културата, уметноста и спортот, како потсетување на луѓето и настаните што го обликувале градот и неговиот идентитет.