Македонски Брод во знакот на костенот – традицијата повторно ги обединува Поречани
Македонски Брод викендов живее во знакот на костенот, традицијата и културното наследство. По 19. пат се одржува „Фестивалот на костенот“, дводневна манифестација која ги промовира природните богатства, гастрономијата и културните вредности на Поречието.
Фестивалот привлече голем број посетители, а вечерната програма донесе забава со диџеј и настап на познатиот македонски бенд „Суперхикс“. Посетителите имаа можност да ги вкусат и надалеку познатите печени поречки костени.
Програмата продолжува со изложбата „Златен костен“, на која ќе бидат претставени изработки од костени во Домот на културата. Предвидено е и дефиле на пет културно-уметнички друштва од Македонски Брод, Демир Хисар, Прилеп и Крушево, по што ќе следува пригодна културно-уметничка програма во центарот на градот.
Посетителите ќе можат да купат поречки костени, познатиот костенов мед, традиционална поречка ракија и други локални еколошки производи.
„Фестивалот на костенот“ одамна е повеќе од гастрономски настан – тој е можност за промоција на Поречието, неговите природни убавини и традицијата што се пренесува од генерација на генерација.
Македонски Брод – градот на костенот!