Над 164 милиони денари за улици и паркинзи во Битола во првата година од мандатот
Над 10 километри обновена и новоизградена патна инфраструктура, околу 220 нови паркинг места и инвестиции во водоводната и канализациската мрежа се дел од инфраструктурните активности што ги презентира Општина Битола во првата година од новиот мандат.
Според објавената финансиска презентација, вредноста на наведените проекти за изградба и реконструкција на улици и паркинг-простори изнесува над 164 милиони денари, односно околу 2,67 милиони евра.
Меѓу поголемите инвестиции се издвојува асфалтирањето на улицата „Панде Кајзеро“, за кое се наведени 37,28 милиони денари. За изградбата на нова улица со повеќе од 100 паркинг места се инвестирани 19,63 милиони денари, додека изградбата на патот до манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани е вреднувана на 16,75 милиони денари.
За асфалтирање на три краци од улицата „Даме Груев“ во населбата Мал Париз се издвоени 11,4 милиони денари, а истата сума е наведена и за асфалтирањето на 2,1 километар улици во Караманите. За локалниот пат во Раштани се наведени 9,8 милиони денари.
Во градското подрачје се реализирани и зафати на улиците „Леринска“, „Козара“, „Маркс и Енгелс“, „Панде Кајзеро“ и други сообраќајници. Дел од проектите опфаќаат целосна реконструкција, вклучително и замена на водоводната и канализациската инфраструктура, а дел се однесуваат на асфалтирање и изградба на нови коловози.
Инвестициите не се ограничени само на градот. Асфалтирани се улици во Братиндол и Трн, патишта во Ротино и Барешани, како и улици во Караманите и Раштани. Во тек се и работи на улицата „Дебарска“.
Посебен сегмент од инфраструктурната програма се новите паркинг-капацитети. Според општинската презентација, во градот се обезбедени околу 220 нови паркинг места, меѓу кои поголемите паркинг-простори на улицата „СТУ 3“ и на локацијата „СТУ 9“ во АРМ – четврт 3.
Во комуналната инфраструктура, Општината наведува инвестиции во водоводната и канализациската мрежа во должина од над три километри. На две локации на Широк Сокак се поставени и пешачки семафори.
Објавените податоци даваат финансиски преглед на инфраструктурните активности во првата година од мандатот, но за целосна слика за реализацијата потребни се и податоци за изворите на финансирање, договорените и исплатените средства, како и за проектите што се целосно завршени и оние што сè уште се во тек.