„Патување кон корените“: Сведоштво за децата што засекогаш го напуштија родниот крај
Спомени, сведоштва и лични приказни за македонските деца-бегалци од Егејскиот дел на Македонија беа во фокусот на меморијалната манифестација „Патување кон корените“, одржана во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје.
Манифестацијата, одржана на 23 септември, ја претстави трагичната судбина на децата кои за време на Граѓанската војна во Грција (1946–1949) биле одвоени од своите семејства и заминале во Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Советскиот Сојуз и други земји.
Во рамките на програмата беа прикажани документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“ на Петро Алексовски, Македонец кој живее и твори во Полска. Преку фотографии, сведоштва и лични приказни, авторот го претставува животниот пат на својот татко Мито Алексовски и поширокото искуство на македонските деца-бегалци.
На настанот се обратија Манојил Јаковлески од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и полскиот амбасадор Мариуш Бримора. Беше најавена и иницијатива за спомен-обележје на островот Волин во Полска.
На Петро Алексовски му беа доделени признанија за неговиот придонес во зачувувањето на сеќавањата за ова историско искуство.
„Патување кон корените“ продолжува денеска во Охрид, во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 19 часот.
Приказните остануваат како сведоштво за едно детство прекинато од војната и за генерации кои, и покрај далечината, ги зачувале спомените за својот роден крај.