Целосно се уредува планинската патека Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино

Пелистер станува уште подостапен за планинарите. Започнаа теренските активности за целосно уредување на планинарската патека Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино, долга 19 километри, која минува низ еден од најатрактивните планински предели во овој дел од земјата.

Работите опфаќаат целосно расчистување на вегетацијата по должината на трасата, обновување на Кнафелцовата сигнализација и поставување нова зимска маркација на правецот Нижо Поле – Големо Езеро, преку Дебел Рид.

Од Големо Езеро ќе бидат поставени и нови патокази кон Мало Езеро и врвот Пелистер, со цел полесно снаоѓање и побезбедно движење на посетителите.

Зад теренските активности стои и сериозна физичка работа. Поради алпските карактеристики и непристапноста на делови од теренот, опремата и целиот работен алат се носат рачно, што дополнително ја отежнува реализацијата.

Уредувањето се реализира во соработка со Slavkov Hiking Trails, Амбасадата на Австрија во Скопје, Амбасадата на Чешка, Амбасадата на Словачка во Северна Македонија и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

Со обновувањето на трасата, една од позначајните планинарски врски на Пелистер ќе добие подобра сигнализација, почиста траса и побезбедни услови за движење во текот на сезоната.


1120

Задолжително

Verified by MonsterInsights