Лукаш Жал ја освои Златната камера 300 на 47. ИФФК „Браќа Манаки“
Со спектакуларно 3D-мапинг шоу во Битола заврши 47. издание на фестивалот, кој уште еднаш ја потврди својата улога како меѓународен центар на кинематографската уметност.
Кинематограферот Лукаш Жал ја освои Златната камера 300 за филмот „Татковина“ на режисерот Павел Павликовски, на свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Сребрената камера 300 му припадна на Жонгчијанг Лианг за филмот „Непозната девојка“, додека Бронзената камера 300 ја доби Пол Спенгеман за „До крајот на денот“.
Свеченото затворање во Центарот за култура беше одбележано со импресивен аудиовизуелен спектакл и 3D-видео-мапинг, со кој сцената се претвори во динамично виртуелно платно. Фестивалот во изминатите седум дена понуди богата филмска програма, мастеркласови и работилници, привлекувајќи бројни филмски професионалци од земјата и странство.
Оскаровецот Воли Фистер, претседател на жирито за официјалната селекција, ја истакна посебната атмосфера на фестивалот, нагласувајќи дека во Битола ја почувствувал уметничката суштина на филмот, за разлика од холивудската индустрија, во која доминираат комерцијалните интереси.
Од другите награди, Кристалната камера 300 за студентски филм ја освои кинематограферката Милда Јуодвалките за „Зад ридот на Наполеоновата капа“, додека Малата златна камера 300 му припадна на Хулијан Амару Естрада за краткиот филм „Никој не го познава светот“.
Железната камера 300 беше доделена на Бенџамин Ечазарета за „Кракатауа“ и Максим Катари за „Убавината на магарето“. Специјално признание доби Ала Кеир за филмот „Ништо не се случува по твоето отсуство“.
Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски изрази задоволство од успешното издание, заблагодарувајќи им се на тимот, учесниците и публиката за придонесот во создавањето фестивал исполнет со љубов, почит и филмска уметност.
Со уште едно успешно издание, Битола ја потврди својата препознатливост како Град на светлината и значајно место на светската кинематографска мапа.