“Битола се поврзува” – саем на граѓански организации и можности за младите

Битола денес беше домаќин на саемот „Битола се поврзува – еден ден, многу можности“, на кој на едно место се претставија повеќе локални граѓански организации и иницијативи.

Настанот, организиран од Младинскиот центар Битола и Општина Битола, им овозможи на граѓаните, а особено на младите, поблиску да се запознаат со работата на организациите, нивните активности и можностите за волонтирање, учество и стекнување нови знаења и искуства.

Организациите што работат во различни области ги претставија своите проекти, активности и идеи за придонес кон локалната заедница. Од младинско учество, образование и култура, до животна средина, социјална инклузија, волонтерство и други иницијативи, саемот покажа дека граѓанскиот сектор има активна улога во секојдневниот живот на Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека граѓанските организации се значаен партнер во локалниот развој и во препознавањето на потребите на граѓаните. Според него, ваквите настани создаваат простор за подобра комуникација меѓу граѓаните, младите, организациите и институциите.

Особено внимание е посветено на младите, кои преку вакви активности можат да се информираат за можностите за волонтирање, неформално образование, локални и меѓународни проекти, како и за развивање нови вештини и активно учество во заедницата.

Саемот воедно беше можност за меѓусебно поврзување на самите организации. Новите контакти и размената на искуства можат да отворат простор за идни партнерства, заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните.

Младинскиот центар Битола има значајна улога во овој процес, како место за поврзување на младите, граѓанските организации и локалните институции и за создавање нови можности за нивно активно учество.

На саемот учествуваа Сфера Инернешнал, ЗУР Македонски ракотворби, Геосфера, Невроразлични, Про Локал, Сумнал, Имка, МКЦ, Скаут Пелистер, Се за храна, Фит концепт, Порака Нова и ГЕТ Иновација.


1085

Задолжително

Verified by MonsterInsights