Крстовден – празникот на Чесниот Крст и христијанската вера
Православните верници денес, 27 септември, го празнуваат Воздвижението на Чесниот Крст, познато како Крстовден. Празникот е посветен на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос и на неговото враќање во Ерусалим од персиско заробеништво.
Крстовден е еден од големите христијански празници, посветен на Чесниот и Животворен Крст, симбол на Христовата жртва, верата и спасението. Овој ден е определен за строг пост, молитва и покајание, а верниците се потсетуваат на страдањата и распетието на Исус Христос.
Наоѓањето на Чесниот Крст
Според христијанското предание, пронаоѓањето на Чесниот Крст се поврзува со царицата Елена, мајката на царот Константин Велики. Во IV век, таа заминала во Ерусалим да ги посети светите места и да го пронајде крстот на кој бил распнат Христос.
По ископувањата на местото на Христовото распетие биле пронајдени три крста. Според преданието, преку чудесно исцелување на болна жена и воскреснување на починат човек било утврдено дека едниот од нив е Христовиот крст.
Патријархот Макариј го подигнал крстот пред собраниот народ, кој се поклонувал и пеел „Господи, помилуј“. Оттука потекнува и името Воздвижение на Чесниот Крст.
Крстот и царот Константин
Празникот се поврзува и со царот Константин Велики. Според црковното предание, пред битката против Максенциј во 312 година, Константин видел светол крст на небото со натписот „Со ова победувај“.
Тој наредил крстот да биде поставен како воен знак на неговата војска, која потоа победила кај Милвискиот мост. Овој настан се поврзува со историскиот процес на признавање и ширење на христијанството во Римското Царство.
Враќањето на Чесниот Крст
Во 614 година, персиските војски го освоиле Ерусалим и го однеле Чесниот Крст. По победата над Персија, византискиот цар Ираклиј го вратил крстот во Ерусалим.
Според преданието, царот лично го носел кон Голгота, но бил запрен сè додека не ја соблекол царската облека и не ги собул чевлите, потсетувајќи се на Христовото смирение и страдање.
Крстовден во македонската традиција
Во македонската народна традиција, Крстовден се празнува како тежок празник. Верниците постат, се молат и се воздржуваат од работа.
Во некои краишта се осветувале вода и семиња за новата сеидба, со молитви за здравје и плодна година. Во Дебрца, традиционално се носеле полски плодови во црквите, кои се раздавале за здравје.
Во храмовите, Чесниот Крст се поставува во средишниот дел, украсен со цвеќе и босилек, а верниците му се поклонуваат.
Крстовден е празник што ги обединува христијанската вера и вековните народни обичаи, потсетувајќи на Крстот како симбол на жртвата, надежта и спасението.