ВМРО-ДПМНЕ: Филипче бара виновници насекаде, само не во сопствениот двор

Венко Филипче повторно вперува прст кон сите околу себе, но никако да ја види одговорноста за состојбата во сопствената партија, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Реакцијата на владејачката партија следува по вчерашниот настап на Филипче, во кој лидерот на СДСМ ги критикуваше поранешните функционери и симпатизери на партијата кои јавно се спротивставуваат на неговото раководење.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче наместо да се соочи со внатрепартиските проблеми, постојано бара нов виновник за падот на СДСМ.

„Претходно, ВМРО-ДПМНЕ му беше крива затоа што СДС се распаѓа под негово водство. Веќе некое време, поранешни функционери на СДС се против Филипче да биде претседател, а за тоа се формираат и цели опозициски фронтови“, наведуваат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, проблемот за Филипче е што сè повеќе критики доаѓаат и од самите редови на СДСМ.

Од владејачката партија тврдат дека Филипче и СДСМ во изминатите две години не успеале да се наметнат како сериозна опозиција и оти наместо јасна политичка понуда, јавноста, како што велат, добива „паника, хаос и измислици“.

„Со Венко СДС не успеа да направи ништо, не успеа ниту да биде опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека доколку продолжи актуелниот курс, партијата може дополнително да ја губи поддршката.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Филипче треба да ја бара причината за состојбите во СДСМ пред сè во начинот на кој ја води партијата, а не постојано кај политичките противници, поранешните функционери и сопствените неистомисленици.

Сите оценки и обвинувања во текстот се ставови на ВМРО-ДПМНЕ.


1081

Задолжително

Verified by MonsterInsights