„Водовод“ Битола започнува теренска проверка на водомери и кориснички податоци

Јавното комунално претпријатие „Водовод“ – Битола започнува организирана теренска акција за проверка и ажурирање на податоците за корисниците, водомерите и водоводните приклучоци на подрачјето на општините Битола, Новаци и Могила.

Акцијата ќе се спроведува во период од една година, а во првата фаза теренските екипи ќе работат во Долно Оризари, Буковски Ливади и Старата Битолска Чаршија. Активностите ќе продолжат етапно и во останатите региони, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Теренските екипи ќе вршат отчитување и проверка на водомерите и водоводните приклучоци, како и проверка и усогласување на корисничките податоци и договорите. Предвидена е и идентификација и GIS евидентирање на мерните места, како и евидентирање на евентуални технички и други неправилности.

Од „Водовод“ – Битола апелираат до граѓаните да обезбедат слободен и безбеден пристап до водомерите. Водомерите треба да бидат чисти, достапни и без пречки, а доколку е потребно, корисниците да бидат присутни при проверката. За полесно усогласување на податоците, се препорачува граѓаните да имаат при рака лична карта и договор за користење на услугите.

Од претпријатието воедно потсетуваат дека приклучувањето на водоводната мрежа без одобрение, како и бесправното користење вода пред водомер, се забранети со закон и претставуваат прекршок. Сите вакви случаи што ќе бидат утврдени на терен ќе бидат евидентирани и за нив ќе се постапува согласно законските прописи.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 047 238-200 и 047 234-791, како и преку веб-страницата на ЈКП „Водовод“ – Битола.

Акцијата има за цел да придонесе кон попрецизна евиденција, подобра контрола на водоводната мрежа и посигурно водоснабдување за корисниците.


1092

Задолжително

Verified by MonsterInsights