„Мојот син“ на Марјан Стевановски ја освои Гран при наградата на „Камера 300“

Филмот „Мојот син“ на Марјан Стевановски од Северна Македонија ја освои највисоката награда, Гран при – „Плакета Милтон Манаки“, на 34. издание на Меѓународниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, што заврши со свечено доделување на наградите во Битола.

Според одлуката на стручната жири-комисија, „Златна камера 300“ му припадна на Горјан Атанасовски за филмот „Современиот Манаки“. „Сребрена камера 300“ освои Валентин Иванов од Бугарија за остварувањето „Гагарин и Варна“, додека „Бронзена камера 300“ ѝ беше доделена на Надица Петковиќ од Северна Македонија за филмот „Кумство, вера и духовна визија“.

Посебното признание „Сребрен медалјон на УНИКА“ го добија Никола Трајковски и Андреј Митревски за филмот „Срце што пакува куфери“.

На фестивалот беа доделени и повеќе специјални плакети за различни филмски достигнувања. Плакетата на Општина Битола за најдобра камера ја освои Ајс Салиевски за филмот „Назад во времето“, а за режија беше награден Апостол Фанев од Бугарија за филмот „За верата“.

За монтажа беше награден Иван Вахи од Узбекистан за остварувањето „Шеховиот пат. На почетокот“, додека плакетата за идеја му припадна на Џејмс Калмерс од Велика Британија за филмот „Како Битлси го добија името“. Наградата за репортажа ја доби Џим Касриост Речепи за филмот „Преспа“.

Во категоријата специјални награди – плакети, признание за придонес во филмската култура доби УКЛО од Северна Македонија. Сергеј Шутју од Русија беше награден за трајните вредности на филмот „Дилема на северот“, а Евелина Швидченко од Молдавија за промотивниот пристап во филмот „Кириев од Тракија“. За креативен пристап беше награден и бугарскиот „Студио КЛИН“.

Фестивалот „Камера 300“ традиционално се одржува под покровителство на УНИКА, со поддршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија и под покровителство на УНЕСКО. Преку учеството на автори и филмски остварувања од повеќе земји, манифестацијата придонесува за афирмација и развој на аматерскиот документарен филм, како и за размена на креативни идеи и искуства меѓу филмските автори.


1107

Задолжително

Verified by MonsterInsights