БИТОЛА И ХЕРЦЕГ НОВИ: 50 ГОДИНИ ПРИЈАТЕЛСТВО И НОВИ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА
Половина век по збратимувањето, двата града го потврдија пријателството со нов Меморандум за продолжување на соработката.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, престојуваше во Херцег Нови, Црна Гора, каде што беше одбележан јубилејот – 50 години од официјалното воспоставување на пријателството меѓу двата града.
На свеченоста беше потпишан Меморандум за потврдување и продолжување на партнерските односи. Домаќинот, претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ, потсети дека Повелбата за пријателство била потпишана на 21 октомври 1976 година.
Продолжувањето на партнерството го потврдија и претставници на Бања Лука, Крањ и Земун, со заложба за размена на искуства и добри практики, особено во културата и спортот.
Коњановски истакна дека досегашната соработка се развивала преку заеднички настани и активности, нагласувајќи ја важноста на меѓусебното почитување, заедништвото и создавањето нови можности за граѓаните.
Пред потпишувањето на меморандумот, во паркот „Бока“ беше засадено Дрвото на пријателството, како симбол на врските што ги поврзуваат двата града и желбата тие да продолжат да се развиваат.
Јубилејот од пет децении пријателство претставува потврда дека Битола и Херцег Нови се подготвени да го зачуваат заедничкото наследство и да отворат нови перспективи за соработка.