March 29, 2024

Соларни панели „паѓаат“ врз премиерот Ковачевски  

Обвинувања за криминални зделки и злоупотреба на власта се упатени од ВМРО-ДПМНЕ кон премиерот Ковачевски. Најновиот скандал партијата го нарече „Броило“ , а ја претставува намерата за монополизирњена производството и пазарот за фотоволтаични панели.

„Аферата БРОИЛО е шема која покажува како Димитар Ковачевски и неговиот кум здружени во Соларен Картел свртеле 26 милиони евра “ – рече на партиската прес конференција пратеникот Миле Лефков.  „Фирми основани од Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртат милионски суми во енергетскиот бизнис, и тоа додека Македонија е на колена, а народот осиромашен се бори секој ден да преживее.“

КМГ ЕОЛ КВАЗАР ДООЕЛ Скопје е основана во 2007 година, а една година подоцна станала застапник на украинската компанија ЈСЦ Квазар од каде го црпела искуството во проектирање и изведба на соларни системи. Групацијата PiKCELL основана во 2018 година во Скопје, Република Северна Македонија е компанија за висока технологија за производство и развој на монокристални и поликристални фотоволтаични соларни модули и фотоволтаични термални модули. Едната ја основал и води кумот на Ковачвески, а другата самиот премиер.

 „Во 2021 година, кога Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии, КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели, во вредност од над 2 милиони евра.“ вели Лефков додавајќи дека премиерот Ковачевски има мандатна сопственост преку државниот удел во ЕВН.

Сомнежите за противзаконско работење на сметка на државата и исклучиво само за лично богатење започнале пред  еден месец кога компанијата АЕ Солар АД Тетово – акционерско друштво за производство на соларни панели направена од  ПИКЦЕЛЛ во косопствеништво со АЕ Солар Хоризон АД Софија најавиле изградба на фабрика за соларни панели во тетовската индустриска зона. Фирмите на Ковачвски неговиот кум побарале државна помош за секојдневна работа , а во индустриските зони дополнитено ќе користат и даночни и царински ослободувања.  Најавената вредност на инвестицијата е 54 милиони евра, а кумот на Ковачевски бил назначен за еден од извршните директори. Инвестицијата пак на македонските фирми треба да биде 21.6 милиони евра.

„Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40% од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски! И сето ова се случува во период откако друга бугарска фирма најави инвестиција во ФЕЦ Осломеј, каде државата е партнер со 18.5%. А за која инвестиција бугарската фирма партнер на Пиксел груп се пофали на нивната интернет страница. Па оттука се поставува прашањето дали панелите произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ФЕЦ Осломеј, каде државата е застапена со 18.5%? И каква е улогата на Ковачевски кој се јавува како основач на фирмата која е во кругот на бизнис интересите од оваа шема, но сега и како премиер?- вели Лефков наметувајќи ја дилемата за монополизација на пазарот на производство и продажба на фотоволтаични панели со парите што фирмите ќе ги земат како државна помош, и тоа во време на енергетска криза. „Сето ова се случува во услови кога постојано се најавуваат нови поскапувања на електричната енергија за граѓаните, а бизнисот во Македонија плаќа двојно поскапа електрична енергија од бизнисот во регионот.“

Досега од Ковачевски нема одговор на овие информации, а  СДСМ во партиско соопштение ги нарекоа наводите „фабрикувана лага“. „Издишан балон е фабрикуваната лага на ВМРО-ДПМНЕ.Уште пред две години, на 28.09.2020 година јавно е објавено дека Ковачевски не е дел од сопственичката структура на компанијата Пиксел Гроуп и не е сопственик. Дека станува збор за класична фабрикувана лага на ВМРО-ДПМНЕ се гледа од тоа што споменуваат државна помош за компаниите, којашто се однесува на сите компании кои ги исполниле условите.“-стои во соопштението на СДСМ.

Времето ќе покаже дали со државни пари ќе се направи фабрика која со државни пари ќе произведе соларни панели и , продавајќи ги на фирма која исто така ќе користи македонски држави пари , ќе направи приватен профит. Имајќи предвид досегашните афери кои го тресат владеењето на СДСМ, овде нешто „паѓа“ .


1145