September 28, 2023

Предлогот Јовески за уставен судија ги вознемирува пратениците

Предлогот за избор на републичкиот обвинител Љубомир Јовески за уставен судија денеска повторно се најде на дневен ред во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ  продолжија со филибастеринг  да спречат тој да ја добие оваа долгогодишна функција.

Пратеничката Стаменковска зборувала 10 часа на претходната седница, па денеска седницата изобилува со остар говор и процедурални интервенции . И покрај ваквиот пристап на опозициските пратеници кои прават комплетна анализа на работата на обвинителството во РМ под водство на Јовески, се очекува парламентарното мнозинство коешто го има и во оваа комисија да го изгласа. Досега комисијата даде поддршка на Татјана Васиќ Бозаџиева, државен советник за граѓанско законодавство во Министерство за правда и судијата Фатмир Скендер, граѓански судија од Апелациониот суд во Скопје. Не дадоа подршка на судијата во Управен суд Весна Јовановска, професорката од Правен факултет Родна Живковска, универзитетскиот професор Саво Климовски, обвинителот Тодор Витларов од Вишо јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски и сега разрешениот јавен обвинител од Охрид Воислав Димовски. Изгласаните предлози на комисија ќе треба да бидат изгласани и на Собраниска седница.

Македонскиот Уставен суд повеќе од една година работи во нецелосен состав, со 5 наместо 9 судии. Ова подразбира дека не може полноправно да се одлучува не само за предлозите кои се закочени заради политичките влијанија, како противуставноста на СЈО , туку и за сите одлуки поврзани со уставноста и законитоста на законите и подзаконските акти што се во интерес на секојдневието на граѓаните.


1097