Никола Главинче : Пристрасноста во судовите може да биде и невидлива

„Непристрасноста како начело во кривичната постапка“ е најновиот труд во правната научна мисла на битолските правници. Авторот, Никола Главинче за Пеланет ексклузивно одговори на неколку прашања.

Пеланет:  Како дојде до создавање на овој труд?

                „Непристрасноста како начело во кривичната постапка“ е прашање со кое бев преокупиран за време на докторските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје (2012-2017) и моја докторска дисертација, но и тема која континуирано е во фокусот на мојот интерес. Мотивите да се ангажирам во истражување и подлабоко испитување и дефинирање на ова нечело се бројни. Меѓу нив е и обидот и желбата за соединување на науката и практиката, како професионални определби на кој сум се одлучил и тоа во време на мојот ангажман како соработник на Правниот факултет во Скопје (2008-2012), а потоа и како адвокат кој постојано е во обид достигнувањата на науката да ги применува во практиката.

Пеланет:  Кои се најчестите облици на манифестирање пристрасност во македонските судови ?

Пристрасноста, како и секоја човечката комуникација, може да се манифестира вербално или невербално. Но, не секој вербален и невербален начин на комуникација подразбира пристрасен однос. Во современото време и општество во секојдневната комуникација, при постоење на динамични и интензивни интерактивни комуникации, тешко е да се посветува време за анализа и оцена на таквите односи. При извршување на општествените функции, таквата анализа е потребна и корисна, бидејќи на страната на одговорното лице постои морална и законска обврска за објективно однесување, постапување и одлучување. Затоа, постоењето на механизам за проверка на основаноста на сомнежот во случај на манифестирана пристрасност се корисни алатки за заштита на општествените вредности.  

И вербалната и невербалната манифестација на пристрасност може да биде и невидлива, односно да се манифестира на навидум невидлив начин. Но, понатамошните постапки и однесување, кај набљудувачот можат да придонесат за донесување на заклучок за постоење на пристрасен однос, за чие докажување, секако, свој придонес ќе има било која претходна манифестација на пристрасност. За докажување на пристрасноста во овие облици потребно е да се има во вид контекстот на комуникацијата, односно бројот на учесници, времето, просторот и предметот на комуникација. 

Заклучок е дека без разлика на вербалниот или невербален начин на комуникација, субјектот од кој се бара непристрасност секогаш треба да се воздржува од изјави, коментари, движења, гестови или било какво поведение кое може да се третира како сомнеж во неговата непристрасност. Спротивното однесување го загрозува не само начелото на непристрасност, туку и поширокиот морален и општествен интерес.  

Пеланет: Се соочуваат ли европските судови со ваков проблем или сепак непристрасноста е балкански синдром?

Проблемот на примена на ова нечело е присутен секаде каде се постапува и одлучува. Колку е поголем степенот на демократија, толку повеќе внимание се посветува на ова прашање.

На 17.12.2010 година Советодавниот совет на европските судии во Стразбур, ја донесе Големата повелба на судиите (Magna carta of judges). Оваа повелба е кратка по обем и во неа на јасен начин се наведни основните цели и принципи за судството во Европа. Во неа се констатира дека „судската независност и непристрасност се есенцијални претпоставки за функционирањето на правдата.

Според Советодавниот совет на европските судии, правото на непристрасно судење има за цел да стане вистинско, суштинско право на граѓаните на Европа, чие извршување е обезбедено од страна на судот и соодветно, од домашните судови.

Пеланет: Дали принципот Непристрасност е одговорност само на судовите или на сите видови власт? 

  • Правото на непристрасен суд е од суштинско значење за остварување на останатите права на правичната и фер судска постапка предвидена со најголемиот број на меѓународни акти и документи за независност на судството. 
  • Постоењето на нормативни гаранции со цел намалување на можностите од пристрасен однос на судот во одлучувањето по конкретни предмети е услов за непристрасно постапување и одлучување од судиите. 
  • Негувањето на висок етички однос од судиите и сите учесници во постапката, придонесува за подобрување на јавната перцепција и авторитетот на судството. 
  • Блиските роднински/пријателски врски на учесниците во постапката кои не се опфатени со законскиот услов за изземање на судијата, претставуваат опасност во однос на примената на начелото на напристрасност.  

Овие последните се тези.

Би го преформулирал прашањето, бидејќи непристрасноста е право на граѓанинот пред судот. Другите власти носат одлуки по други принципи, најчесто политички, водени од друг интерес, а не од потребата да го применат правото.

Промотори и рецензенти  на оваа публикација на младиот ама искусен адвокат се проф. Д-р Тодор Витларов и проф. Д-р  Гордан Калајџиев.


1344

Задолжително

Verified by MonsterInsights