Премиерот рече ќе ја преживееме зимата, за на пролет – никој не го праша

Енергетската криза, алармот што го запалија земјите членки на ЕУ ,нивните дискусии за заштита на сопствените граѓани и реакцијата на граѓаните во државата ги принуди членовите на владата на РМакедонија да осмислат нови антикризни мерки за помош на граѓаните.
Вчера владата го објави новиот сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза наменет за ранливите категории граѓани. Од буџетот ќе се наменат 22,2 милијарди денари (околу 360 милиони евра). За пензионерите со пензија до 11.000 денари и 14.000 ден, самохрани родители корисници на гарантиран минимален приход, невработени корисници на право на материјално обезбедување и корисниците на социјална помош, лицата кои го користат правото за попреченост ,лицата кои користат право на посебен додаток, корисниците на помош и нега од друго лице. Во следните 4 месеци овие категории граѓани ќе добиваат по 3.000 денари месечно. Пензионерите со пензија до 11.500 денари следните 4 месеци ќе добиваа по 1.500 денари повеќе, а тие со пензија до 14.000 денари – по 750 денари месечно.
Основните и средните училишта , здравствените установи ќе се вратат на регулираниот пазар за снабдување со електрична енерегија, а мерните станици за водни пумпи ќе добиваат субвенционирање на разлика во цена на електричната енергија. Другите предложени мерки се во областа олеснување на администратвни постапки и консултантска помош за добивање на кредити на микро, малите и средни претпријатија од македонската Развојна банка, а ликвидноста на ЕСМ ќе се решава со кредит од ЕБРД, пари кои се всушност наменети за субвенционирање на цената на електришна и топлинска енергја за домаќинствата .
На новинарско прашање до премиерот Ковачевски дали ќе преживееме оваа зима, тој на прес конференција потврдно одговори.
Но, имајќи предвид критиките од опозициските политички партии и европските политичари од кои македонската влада бара помош, дека мерките се задоцнети и планирањето отсуствува, се отвора ново прашање, дали владата планира да преживееме и на пролет, кога сите енергетски ресурси ќе бидат потрошени, кредитите за враќање, данокот за плаќање, а ајварот и туршијата изедени.
