February 1, 2023

Европска интеграција , парламентарно заседание на Совет на Европа

Од 10 до 14 овој месец се одржува есенската пленарна седница на парламетарното собрание на Советот на Европа. Најголемото внимание е свртено кон гостувањето на украинскиот претседател Владимир Зеленски кој в четврток треба да има видео обраќање на делегациите по извештајот за ескалацијата на воените судири во неговата земја. Ова заседание за првпат се одржува без присуство на делегација од Руската Федерација, по одлуката земјата да биде исклучена од СЕ.  За напредокот на Западен Балкан кон ЕУ и злоупотребата на Шенген со политички мотиви се дополнителни сесии , исто како и за тензиите во Азербејџан и Ерменија.

Во продолжение интегрално текстот на Александар Николовски, еден од 3+3 члената делегација на Република Македонија.

Николоски: Совет на Европа директно и јасно посочува дека во Македонија има високо ниво на корупција и криминал

Како што Господиниот Папандреу точно истакнува во извештајот – анкетите покажуваат дека се зголемува бројот на луѓе во Западен Балкан, посебно помеѓу младите, кои се песимисти околу перспективите и пристапувањето во ЕУ. Европската визија го губи својот сјај, На тоа место, етно-национализмот повторно се појавува на површина со многу загрижувачки развој.

Тоа што и се случува на мојата држава – Македонија е  најдобар пример за ова. Грција беше таа која ставаше вето на отворањето на пристапните преговори со години и потоа од 2020 година тоа е Бугарија, користејќи ја својата позиција како земја членка на ЕУ да ја уценува Македонија, го негира постоењето на Македонска нација, ја негира Македонската култура и историја и тврди дека Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик. Се ова Македонија е притисната да го прифати за да ги отвори пристапните преговори и да може еден ден да стане земја членка на ЕУ. Правилото на едногласност во процесот на пристапување брутално го злоупотреби Бугарија. Затоа многу млади губат верба и или заминуваат од државата или бараат други алтернативи. Во извештајот е напишано дека Советот на Европа го поздравува отворањето на пристапните преговори со Македонија на 19 јули 2022. Тоа не е точно! Македонија не ги отвори пристапните преговори туку само беше притисната да го промени Уставот според бугарски диктат и услови. Без промена на Уставот нема пристапни преговори. Сите ќе се согласите дека ова е брутална интервенција на суверенитетот и независноста на државата. Не постои ваков втор пример на ниту една друга земја кандидат за ЕУ која се соочила со вакви предуслови, ова не е европска вредност! Понатаму Бугарија го користи истиот провокативен дискурс како и Владимир Путин. Путин вели дека нема украинска нација и јазик, тие се Руси, бугарските политичари велат дека нема македонска нација и јазик, тие се Бугари и ако Македонија сака да напредува кон ЕУ мора да го прифати ова! Поради ова го повикувам Советот на Европа во овој извештај да предложи отворање на пристапните преговори за Македонија без понатамошни одложувања и дополнителни барања. Советот на Европа треба да побара од ЕУ да ги почитува своите Копенхашки критериуми. Промената на Уставот на независна држава не треба да е услов за пристапни преговори. Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да врши притисок за уставни измени во Македонија и да дозволи пристапни преговори. ЕУ треба да ги искористи своите механизми за да го наложи ова. Само со ова ќе се врати довербата и оптимизмот за Европската перспектива. Друго важно прашање е борбата против организираниот криминал и корупција. Го поздравувам директниот акцент во извештајот на овие проблеми. Почитувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата е геостратешко вложување во мирот, стабилноста и демократска безбедност за цела Европа.

За жал според извештајот на Транспаренси интернешнл Македонија ја има најкорумпираната Влада во својата историја и барам ЕУ и Советот на Европа да направат притисок за имплементацијата на областите кои што се приоритет, како што се владеење на правото и добро владеење , вклучувајќи ефикасност, независност и верба во судството, борба со корупција и реформи на јавната администрација.

Македонија треба да ги почне преговорите за членство во ЕУ затоа што граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат, без никакви понатамошни барања и услови од Бугарија како што се промена на Уставот.

Само таков пристап може да доведе до добри соседски односи и пријателски односи помеѓу Македонскиот и бугарскиот народ во заедничкото европско семејство.