Велика Британија без трошок за избори има нов премиер

Без избори, по 2 премиери од јули досега, Велика Британија има нов премиер. Барем се очекува дека кралот Чарлс нема да прави никави проблеми со изборот на новиот лидер на Конзервативната партија која победи на изборите во 2019 година.
Британската Конзервативна партија го избра својот лидер, кој треба да стане и премиер. Тоа е Риши Сунак, министер за финансии од 2020 до 2022 година, човекот кој ги изгуби гласовите од сопартијците пред неполни 7 недели. Тогаш изгуби од Лиз Трас, којашто пак стана премиер со најкус мандат во Велика Британија. Се верува дека Сунак сега ја добил довербата поради предупредувањата што ги имал за даночната политика на Трас и реперкусиите врз британското стопанство. Овојпат, најпрвин од трката за нов претседател на партијата се повлече Борис Џонсон , а до крајот на денот и кандидатката Пени Морган, па Риши Сумак останал единствениот кандидат.
Во политика влегол во 2015 година оставајќи го банкарството и ИТ компанија зад себе, а својата популарост ја стекнал како министер во владата на Борис Џонсон од која прв поднесе оставка и придонесе за нејзино паѓање. Ковид пандемијата го принудила да потроши многу пари во зачувување на економијата , но тоа ја зголемило неговата политичка репутација пред граѓаните. Негативните критики ги добил кога бил парично казнет затоа што ги прекршил правилата на карантинот, а критикувана била и неговата сопруга поради нејасни даночни неправилности за кои досега не се коментира премногу. Според одредени новинари, Сумак е трипати побогат од кралот Чарлс кој треба да го назначи за премиер.
За кусо време, велат познавачите, Лиз Трас ќе биде испратена од функцијата и Даунинг стрит 10, седиштето и живеалиштето на британските премиери ќе добие нови жители. Според процедурите, по поднесената оставка од Трас , кралот треба да го повика Сунак да формира влада. Од новиот премиер се очекува да стави крај на пост-брегзит хаосот во државата и да го врати нарушениот британски углед, што според многумина во енергетската и економска криза е невозможно.
Овој премиер, како и Трас пред него не беа избрани на парламентарни избори, затоа што според британските закони, се додека партијата може да управува со парламентарното мнозинство, може да ги менува премиерите без предвремени избори. Ова се случува и покрај критиките на Либералната партија дека предвремени парламентарни избори по Џонсон и Трас се морална обврска.

Фото: Powered by Bluetree,Promoted by Sam Gibbs on behalf of Rishi Sunak MP, both at Unit 1, Omega Business Village


1104

Задолжително

Verified by MonsterInsights