February 1, 2023

„Котел“ на Рисимкин синоќа во Битола

Кореографијата „Котел“, во организација на Интерарт културен центар, синоќа беше изведена во Центарот за култура, во рамките на четвртоноемвриската програма на општина Битола, која се реализира по повод Денот на ослободувањето на градот. Настапија танчерите на танцовиот театар Скопје, заедно со студентите на Катедрата за современ танц при УГД. Музиката е на Тони Китановски, а костимите на Благој Мицевски.

„Котел“е создадена во 2018 години од кореографката Рисима Рисимкин за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на Танц Фест Скопје. Оваа кратка кореографија, е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ Македонија.

Соработката на кореографката Рисимкин и костимографот Благој Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на скоро сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено преку 30 проекти, кои патуваат низ целиот свет.

Многу од проектите гостувале на престижни фестивали како во Холандија, Америка и во Кина. Оваа година се претставија и пред публиката во Париз, во престижниот театар за танц „Шајо“, за што добија и одлични критики.

Извор: Општина Битола