”Со срце и душа за Македонија” – двоен албум на Лени Партикова
Убава вест за љубителите на добрата македонска музика – деновиве во музичките салони низ Македонија, тие ќе имаат можност да го купат новиот, двоен албум на Лени Партикова, ”Со срце и душа за Македонија”. Во него има две цедеа, првото со девет забавни песни кои се изведени на нашите забавни фестивали, второто со тринаесет народни песни. Музички продуцент е Студио ”Кактус” – Горан Милошевски, а издавач Сенатор Битола.

Во чест на новиот албум, во студиото на Ин тв, се сними и интересен концерт, а најзаслужен за целиот проект е Ване Петковски, Зад целокупната организација и кореографија застана Жарко Ѓорѓески кој со помош на кореографката Снеже Ефковска на КУД ”Бранко Чајка” од Тетово, со нивните ора и танци го разубавеа целото шоу. За стајлингот и шминката се погрижи прекрасната Ива Ѓошиќ.

Исто така, деновиве се сними и преубаво шоу со свадбарски сплет за осум годишнината од постоењето на ”Амбасадор бенд” во кого членува Лени Партикова, како подарок од бендот за нивните слушатели. Ова прекрасно шоу го збогатија со своето присуство и интерпретација Раде Младеновски, Бојан Илиевски, Кире Наумовски,Жарко Ѓорѓески, Владо Ѓорѓиевски, Драган Ѓорѓиевски, Маестро на хармоника Робертино Стефановски и кралицата на народната песна Благица Павловска.





