December 3, 2022

Затворени гласачките места во САД: Проектирана победа на Републиканците во Претставничкиот дом, тесна трка за Сенатот

Со затворањето на гласачките места во Алјаска, заврши долгата изборна ноќ во САД, во која гласачите од 50 сојузни држави и шест временски зони го дадоа својот глас на меѓуизборите за да ги изберат своите претставници во Претставничкиот дом и во Сенатот.

Победата на Републиканците во Конгресот е речиси извесна, додека трката за Сенатот продолжува, но се чини дека Демократите ќе ја задржат контролата.

По затворањето на гласачките места, според досегашните проекции демократите имаат 168 места (изгубиле четири во однос на минатите избори, додека републиканци добиле четири конгресмени и засега имаат 194 во Претставничкиот дом од 435 места. За контрола над Долниот дом на Конгресот неопходни се 218 пратенички места.

Досега мнозинство во Претставничкиот дом имаа Демократите, кои имаа 222 претставници наспроти 213 републиканци. Сепак, дури и во пресрет на изборите, анкетите укажуваа на веројатен пораз на демократите во борбата за Долниот дом.

Што се однесува на Сенатот, таму трката е неизвесна, но според Скај Њуз, се чини дека Демократите ќе ја задржат контролата која досега ја имаа. Досега во Сенатот имаше 50 демократски и 50 републикански претставници, но благодарејќи на гласот на потпретседателката Камала Харис демократите ја имаа контролата. Сегашните проекции покажуваат дека кандидатот на Демократите Џон Фетерман ќе го освои местото во Сенатот во Пенсилванија, победувајќи го својот републикански конкурент д-р Мехмет Оз, што аналитичарите го оценуваат како исклучително значајно во трката за мнозинство. Досега Републиканците го имаа ова место, во лицето на  Патрик Туни, но тој не се кандидираше за реизбор. Според Си-Ен-Ен засега демократите имаат 47, а републиканците 46 места.

Клучната битка се води во Џорџија помеѓу демократот Рафаел Ворнок и поранешната ѕвезда на американскиот фудбал, републиканецот Хершел Вокер.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *