Франција и Германија одржаа комеморација за паднатите борци од Првата светска војна во Битола и Прилеп

Денеска во Битола,близу селото Логоварди на француските воени гробишта по 99 пат се одржа комеморација во чест на паднатите војници од Првата светска војна .
Амбасадорот на Франција Сирил Боумгартнер, германскиот вршител на должност амабасадор во Македонија Ото Граф, градоначалникот на Битола Д-рТони Коњановски, почесниот конзул на Франција Калиопа Стилиновиќ Кривашија и високи воени претставници на земјите гости денеска го одбележаа 11 ноември, денот на завршувањето на Првата светска војна.
Интонирани беа трите химни, а присутните се поклонија пред заедничката гробница која сведочи, заедно со надгробните крстови за 13.000 војници , од нив скоро 7.000 непознати.
„Среќен сум што сум во Битола, го чествуваме примирјето од првата Светска војна 1918 година. Оваа година правиме комеморација во посебни околности имајќи ја предвид новата ситуација со војната во Европа . Оттука, пораката е уште посилна и добива поголемо значење, дека не ја прифаќаме оваа ситуација, ние не ја прифаќаме војната“- изјави францускиот амбасадор Боумгартнер. Посочи дека во тек на дводневната посета на градот остварил редица значајни средби со кои уште повеќе се зацврстува соработката на Франција со Македонија и Битола . „Денеска имав многу корисна средба со новиот ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски Битола со кој евоциравме многу интересни теми со кои ќе ја зацврстуваме Франкофонијата во Битола , ќе ја подобруваме соработката и нашите заеднички односи.“
„Дами и господа,ние денеска се наоѓаме на воените гробишта во Битола, а потоа и во Прилеп ги чествуваме паднатите борци во Првата светска војна. Тоа го правиме со Французите и сите други страни кои беа засегнати со цел да дадеме почит. Тие кои некогаш беа во војна сега се во траен мир. Тоа помирување се базира на еден заеднички (европски н.з) фундамент што ние денеска во Европа успешно го реализираме. “ – изјави за медиуимите вршителот на должност амабасадор на Германија во Македонија. Ние, оваа година им должиме чествување на паднатите војници од првата Светска војна , продолжи тој, затоа што и денеска се води војна на тлото на Европа, а тоа е уште поголем поттик да бидеме сложни во Европа.

Времен споменик на Француските воени гробишта, 1917-1918, Манаки, mk.wikipedia.org


Историјата бележи дека француските воени гробишта во Битола се вечно почивалиште на 13.262 до 16.262 војници убиени на Македонскиот фронт. Организирањето на Француските воени гробишта започнало во првите години по војната. За таа цел во Париз била формирана централна комисија за прибирање на посмртните останки на француските војници и офицери. Во работата било вклучено и месно население, а по останки од војници се трагало по целиот Македонски (Солунски) фронт. За финансирање на зафатот француската влада издвоила 150.000 франци. Дел од пронајдените останки биле засолнувани на Тумбе Кафе, а дел крај Новачки пат, местото каде што сега се наоѓаат гробиштата. Проектот прераснал во еден од најголемите и најсложените меморијални зафати преземени по Првата светска војна.
Двајцата амбасадори од Битола отпатуваа во Прилеп, на германските воени гробишта.


1110

Задолжително

Verified by MonsterInsights