Трета среќа ? Нов обид за пречистителна станица во Битола
Министерството за финансии, преку единицата за централно финансирање и склучување на договори објави тендер за проектот „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализациската мрежа во Општина Битола“.
Оваа информација денеска ја пренесуваат од Општина Битола, со појаснување дека ова е повторена постапка и дека крајниот рок за доставување на понудите од заинтересираните е 21.02.2023 година.
Според тендерот и информацијата лиферувана од Општината, „работите на канализационата мрежа ќе опфатат:

- изградба на околу 9 километри нова канализациона мрежа
- реконструкција на околу 13 km постоечка канализациона мрежа
- проектирање и изградба на две пумпни станици и потисни цевки од околу 5,6 km, и
- проектирање и изградба на главен канализациски колектор на улица Широк сокак и Солунска со метод на микротунелирање со приближна должина од 325 m.
Вкупната вредност на овој проект кој е финансиран од ИПА 2 Програмата, преку Секторот за заштита на животната средина и климатски промени изнесува 27,8 милиони евра.“
Објавувањето на тендерот се случува по јавното прашање од градоначалникот Д-р Тони Коњановски упатено кон премиерот Ковачевски за судбината на овој проект. Студијата за проектот Битола ја изготви во 2016 година, а рокот планиран за изведба и искористувањето на парите беше 2024 година. Предвидени беа 2 години за изградба на канализацискиот систем и станицата и една за пријавување на дефекти. Досега биле Oбјавени два тендери, за изведувач и за надзор. Двата неуспешни. Не заради незаинтересираност туку затоа што комисиите одлучиле тендерите д бидат поништени . Оттука, владата односно ресорното министерство ќе мора пред европските институции да побараат одложување на крајните рокови или да се извинат на битолчани што од последниот тендер за проектот во 2019 година не презеле ништо.
„Со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со отпадните води кои во моментот се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал, како и излевањето на канализацијата на повеќе локации во градот. “ –стои во денешното соопштение од Општина Битола.
Според информации од невладиниот сектор пак , нереализирањето на овој проект сеуште ја држи Битола во редот на градови кои ги загадуваат водите.