April 18, 2024

„Тоа е иднината“: Сеул го доби својот прв самоуправувачки автобус

Сеул ја доби својата прва линија на самоуправувачки автобуси, како дел од експериментот за кој инженерите велат дека има за цел да направи јавноста да се чувствува поудобно со возила без возач.

Новото возило не изгледа како обичен автобус: тоа е целосно симетрично, со заоблени рабови и големи прозорци кои го прават повеќе да личи на играчка отколку на најсовремена форма на транспорт.

Тој дизајн е намерен, рече Јеонг Сеонг-гјун, шеф за автономно возење во ’42 Dot’, стартап одговорен за технологијата за автономно возење, сега во сопственост на јужнокорејскиот Hyundai.

Тоа е иднината, изјави тој за АФП, додавајќи дека таков автобус бара нов вид на дизајн.

Автобусот изгледа малку „како Лего“ бидејќи е направен од композитни делови за да ги намали трошоците и да го олесни реплицирањето, објаснува Јеонг.

Според него, целта на компанијата била во иднина технологијата да биде евтина, безбедна и лесно пренослива на многу видови возила, на пример возилата за испорака.

Засега, под близок надзор на возачот, автобусот сам ќе вози по новата кружна рута долга 3,4 километри во центарот на Сеул, која ќе трае приближно 20 минути.

Луѓето можат да се качат на една од двете назначени постојки откако ќе резервираат бесплатно место преку апликација.

Автобусот користи камера и ласер наместо скапи сензори за навигација, додаде Јеонг.

На денот на воведувањето на новата автобуска линија, многумина минувачи изгледаа заинтригирани од дизајнот на автобусот. Застанаа да го фотографираат и да ѕирнат внатре.

Се чувствувам како да сум скокнал во ‘временска машина’ за да отпатувам во иднината, коментира Ким Ји хае-ран (68) по возењето.


1037