ОФИЦИЈАЛНО ЗАПОЧНАТА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ПРОЕКТОТ „SMART4YOU2“

Градоначалникот, Тони Коњановски, денес присуствуваше на воведниот состанок од проектот „SMART4YOU2“ во кој водечки партнер е општина Битола. Состанокот кој беше организиран од проектниот партнер општина Пустец, се одржа во Музејот „Стерјо Спасе“, во селото Глобочани во Пустец, Албанија. Проектот „SMART4YOU2“ е финансиран преку вториот повик од IPA програмата на Европската Унија во рамки на инструментот за прекугранична соработка со Република Албанија 2014-2020, а покрај општините Битола и Пустец, проектни партнери се и НУ Завод и Музеј од Битола, Младинскиот културен центар од Битола и Директоратот за заштита на културното наследство од Корча.

Меѓу главните цели на проектот се и развивање на потенцијалот на туризмот, преку промовирање на културното наследство и вредности, надградба на потенцијалите на заштитеното културно наследство и проширување на туристичката понуда.

Во своето обраќање, Градоначалникот Коњановски посочи дека на овој начин, се зајакнуваат меѓусебните партнерства на двете страни, се поттикнува континуитетот на заедничките акции, а истовремено се негуваат културните споменици и се афирмира нивното постоење.

„Со реализација на проектните активности, се насочуваме кон надградба на потенцијалите на јавната инфраструктура за културни и туристички цели, презентација и заштита на музејските вредности и негување на културните споменици, а со тоа и проширување на туристичката понуда и подобрување на можностите за претставување на регионот.

Во делот на туристичката инфраструктура, со проектот „Smart4you2“, во Битола, предвидена е реконструкција на постоечката зграда „ПАРК“, лоцирана во дворот на Офицерскиот дом, реконструкција на пристапна патека и двор во Музеј Битола, како и реконструкција на постојаниот изложбен салон во Музеј Битола. Во делот на активностите на нашите проектни партнери од Албанија, проектот вклучува реконструкција на пристапниот пат до Музејот „Стерјо Спасе“ и поставување на езерско пристаниште во село Глобочани и реконструкција и конзервација на Црквата лоцирана на островот Мал Град во Албанија.

Очекувам дека, со посветеност и активна вклученост на сите нас, ќе ја достигнеме и крајната цел за долготрајна соработка заснована на креативност, традиција, претприемништво и вмрежување.

Како водечки партнер во овој проект, општина Битола, со целосна посветеност ќе придонесе за комплетна имплементација на проектот, негување на европските и националните вредности и продлабочување на соработката помеѓу двете земји со градењето на успешни партнерства.

Посакувам, успешно спроведување на проектот, достигнување на поволности за двата региони, зголемување на туристичките капацитети и потенцијали и подигнување на економската состојба, што секако ќе претставува значајна придобивка за општините кои ги претставуваме“, рече градоначалникот Коњановски, во своето обраќање на денешниот прв официјален состанок на проектните партнери.

На настанот, свое обраќање имаa и амбасадорот на Македонија во Албанија, претставничката на ЕУ во Албанија, Министерката за култура во Македонија, градоначалникот на Пустец, директорот на Регионалниот директорат на Корча и други високи претставници на проектните партнери од Албанија.

Во име на проектниот партнер, Завод и музеј – Битола, свое обраќање имаше директорката Мери Стојаноска, а краток вовед во проектот даде проектниот координатор од Битола, Ана Секуловска Јовковска.

Вкупниот буџет на проектот е 1.216.414,57 евра, средства наменети за имплементација на проектните активности на петте проектни партнери, во период од 30 месеци.


1025