Тешка новогодишна ноќ за Ургентно и Педијатриско одделение во Клиничка Болница
Преку 10 алкохолизирани малолетници во текот на новогодишната ноќ побарале лекарска помош во Одделението за Ургентна медицина во битолската Клиничка Болница. Помошта ја побарале во периодот од полноќ до 7 часот на 1.01.2023 година. Во текот на последните 24 часа пак во Ургентно направиле 80 прегледи. Вршителот на должност раководител на одделението за ургентна медицина денеска информираше дека новогодишното дежурство за сите изминало тешко. Во текот на 24 часа имале преку 80 прегледи. Сега е време на многу вируси, симптоми во кои доминира висока температура, црвено грло, време на настинки , особено кај возрасната популација до 20 години. За тоа говори и информацијата дека од 7 часот денеска до 13.00ч кога имале 30 прегледи на лица со вакви и слични симптоми.
Од полноќ до 7 часот на 1.01.2023 година имале интервенција кај десетина малолетници кои имале потешкотии поради алкохолна интоксикација. Помал е бројот на возрасни кои побарале помош . Оттука и препораката од Ургентно одделение е упатена кон тинејџерската популација , да избегнуваат конзумирање на алкохолни пијалаци заради нискиот праг на толеранција и последиците од алкохолната интоксикација.
Динамично било и во педијатриското одделение, информираше денеска директорот Д-р Александар Обедниковски. Во ова одделение во текот на последните часови од годината што измина и првите од новата биле направени преку 80 прегледи на деца чии родители побарале помош заради интензивните симптоми на грип. Ова е сезона на зголемени респираторни инфекции вели Д-р Обедниковски и препорачува да се избегнува групирање на граѓаните иако празниците тоа го наметнуваат. За родителите на мали деца препорачува доколку мора да излегуваат да ги заштитат децата со топпла облека.
И двајцата лекари препорачуваат во празничните денови граѓаните да си ја следат својата здравствена состојба, да не преземаат никакви постапки кои потенцијално би им го нарушиле здравјето и да се внимателни во директните контакти.