Јадранка Павловска, СДСМ : Во 2023 Советот да биде место за донесување на најдобрите решенија
Предновогодишно, додека советниците размислуваа, расправаа и гласаа за Буџетот на Општина Битола, pelanet.mk ги праша На / За што се надеваат во 2023 година како советници.
Јадранка Павловска е советник од СДСМ, предводник на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
„Првенствено како човек очекувам во 2023та да бидеме подобри луѓе едни кон други. Да има повеќе разбирање, помалку поделби и повеќе љубов еден за друг. Бидејќи без љубов ништо не правиме и не смееме на неа да се сеќаваме само по потреба туку да биде дел од нашето секојдневие.
А како советник, очекувам плодна работа на Советот, да донесеме одлуки кои навистина ќе ја променат Битола на подобро. Сите ние тука живееме, не доаѓаме во Битола само на седница па некаде заминуваме, тука се нашите семејства, нашите најблиски и најсакани. Мора да направиме се’ Советот да биде вистинско место за дебати и донесување на најдобрите решенија.
Јас како советник на СДСМ на граѓаните им посакувам се најдобро на секое поле, за сите проблеми останувам отворена и јас и мојата СДСМ. Се надевам, проблемите ќе ги има се помалку и тоа ќе биде нашиот најголем успех како актуелен состав на Советот на Општина Битола.“