Габриела Илиевска, Поинаку: Се надевам моите колеги помалку ќе се грижат за своите партии а повеќе за градот
Предновогодишно, додека советниците размислуваа, расправаа и гласаа за Буџетот на Општина Битола, pelanet.mk ги праша На / За што се надеваат во 2023 година како советници.
Габриела Илиевска е советник од независната група Поинаку, а истовремено ја координира работата на сите советнички групи и советници затоа што е претседател на Советот на Општина Битола.
„Како советник прво се надевам дека ќе имаме почиста година во однос на загадувањето.
Потоа се надевам дека ќе имаме поинаква година од сите претходни бидејќи очекувам она за коешто сме залагале како советници и луѓе кои што сме излегле на избори и кои ветиле нешто, дека ќе имаме реализација.
Се надевам дека градот ќе има помалку бездомни животни бидејќи тоа е мојата најголема цел во овој момент и сметам дека е еден од најглавните проблеми во градот, се надевам дека ќе продолжиме со културните настани и со она што значи промоција на Битола во Македонија и надвор од неа.
И, искрено се надевам дека ќе престанат партиските препукувања, политичките војни и личните деградирања помеѓу битолчани, посебно помеѓу политичарите.
Се надевам дека ќе успееме да имаме една година во којашто сите заедно ќе работиме за Битола многу повеќе и многу помалку ќе се секираме, односно, јас не доаѓам од политичка партија, но моите колеги помалку ќе се секираат за партијата, а повеќе за градот. “