April 18, 2024

Бојан Бојкоски, ВМРО-ДПМНЕ : Се надевам градот запоставен од претходната власт да добие нов лик

Предновогодишно, додека советниците размислуваа, расправаа и гласаа за Буџетот на Општина Битола, pelanet.mk ги праша На / За што се надеваат во 2023 година како советници.
Бојан Бојкоски е советник од ВМРО-ДПМНЕ, истовремено е координатор на советничката група од коалицијата „Обнова за Македонија“, но е и назначен заменик градоначалник на Битола.

„Моите надежи како советник се градот којшто беше запоставен претходните четири години со владеењето на СДС да добие нов лик. Таа намера ја покажавме и во оваа прва година од нашето владеење со изградбата на сите улици и пропратни објекти од кои дел беа отпочнати, но поголемиот дел ние ги започнавме. 20 улици се направени, исто така подготвени се многу проекти од одделението за економски развој.
Од десетте приоритети кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во програмата на локалните избори, седум ќе започнеме да ги реализираме иако нема да бидат финализирани во 2023 затоа што поголемиот дел од нив се капитални инвестиции и дел од развојната програма. Ќе го видат светлото на денот на крајот од мандатот на оваа локална самоуправа бидејќи станува збор за милионски инвестиции кои треба да се случат во градот.
Ние сме една заедница, ама еве опозицијата ниту ја гласаше програмата за уредување на градежното земјиште односно изградбата на сите улици што треба да се случи во градот, ниту пак гласаа за развојната програма 2023-2025 година, а таму се проекти кои и тие ги ветуваа на изборите во 2021 година.

Од проектите најмногу во 2023 сакам да ја видам реализацијата на рекреативната зона во Смолево, тоа е зона кадешто многу граѓани секојдневно рекреираат таму и навистина ќе биде многу убаво целото тоа поврзување што ќе се направи од Тумбе Кафе до Смолево. Паралелно тече елаборат за поврзување со велосипедски патеки од Братиндол, Брусник, Дихово, Лавци и тоа ќе биде една целина на којашто ќе можат граѓаните од другите општини да доаѓаат и да уживаат во убавините на Битола.“


1119