April 16, 2024

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ОДГОВОРИ НА НОВИНАРСКО ПРАШАЊЕ ВО ВРСКА СО ОБВИНУВАЊАТА ОД СДСМ

Ако за нешто не би сакал да коментирам и да одговарам на вакви пресови, тоа е пред се за вмешаноста на политиката во образованието. Тоа од самиот почеток, јасно и недвосмислено го кажав, тоа и директорите на училиштата го знаат: политиката надвор од образованието. Образованието, спортот, културата, уметноста, здравството, се области во кои политиката треба да има најмалку влијание, зошто тие припаѓаат на сите граѓани на општина Битола.

Тука сакам да го нагласам она што многу пати го повторуваме: основно е – континуитет во работењето.

Ги поддржуваме сите проекти кои досега биле направени и сите активности кои ги правеле директорите во училиштата.

На средбата која ја имав после новогодишните празници, јасно им кажав на директорите: нивното мото и нивниот мотив ќе биде такмичење за што повеќе проекти, кои заедно со општината, со сопствени средства или преку амбасади или програми ќе се бараат средства да се реализираат.

Она што е направено, е направено.

Ние одиме чекор понатаму.

Да се направи нешто ново, една скала повеќе. Само да кажам дека, кога некој ќе не обвини за политизација на образованието, треба да се знае дека од 12 основни училишта, 4 училишта имаат директори од Социјалдемократскиот сојуз. Од 6 средни училишта, половината исто така се со директори од Социјалдемократскиот сојуз. Со Министерот за образование исто така, имам соработка, но апелирам многу повеќе да се издвојуваат средства за образованието. Општината секако дека го прави тоа и тоа е задача на локалната самоуправа, да кажам дека средствата од блок дотациите покриваат само 16%  во основното образование. Сето останато го дава општина Битола. Изминатата година, околу 45.000.000 денари беа вложени во образованието, по разни основи. Проблемот со учебниците е сеуште присутен. Недостасуваат учебници за учениците. Сепак, во делот што е наша надлежност, второто полугодие го дочекуваме спремни и се надевам дека делот во однос на енергетската криза, ќе успееме добро да го изменаџираме. Мотив и препорака од мене до сите директори: образованието е на сите, градот е на сите и ние не можеме да вршиме поделби по никаков основ, а најмалку по партиска основа.


1028