Коњановски: Нови градинки, улици и инфраструктура – Битола во градежна офанзива

Градоначалникот информираше дека во Битола во тек се над 80 проекти на повеќе од 20 локации, со поддршка од Владата, нагласувајќи дека и покрај глобалните економски предизвици, општината продолжува со засилена динамика на работа.

Во делот на детските градинки, нови капацитети веќе се отвораат. Градинката во Нова Битола е завршена и наскоро ќе биде ставена во функција, додека градинката во АРМ, со капацитет од 246 деца, е во завршна фаза. Со овие инвестиции се очекува значително намалување на листите на чекање, кои сè уште бројат стотици деца.

Улицата СРУ5, која ги поврзува „Партизанска“ и „Крушевска Република“, е од витално значење и е во завршна фаза, со поставена сигнализација и велосипедска патека. Прашањето со трансформаторот е решено согласно постојната планска документација, со можност за негово идно дислоцирање во согласност со новите потреби.

Се гради нова противпожарна зграда во поранешната касарна, како еден од капиталните проекти, со современи услови за работа на најстарата противпожарна единица во државата. Паралелно се реализира и проектот за булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп, кој ќе добие трајно сообраќајно решение со семафоризирани раскрсници.

Во изминатиот период се изградени и реконструирани 53 километри патна инфраструктура. Во тек се повеќе активности за реконструкција на улици, водовод и канализација, како и решавање на проблеми во старото градско јадро, каде постапките се посложени.

Започната е изградба на шест нови паркинзи со над 150 паркинг места, а се работи и на уредување на простори по отстранување на диви гаражи.

Во областа на спортот, се реализираат значајни инвестиции – реконструкција на училишни игралишта, изградба на спортски сали, атлетска патека и нов спортско-рекреативен центар. Се работи и на реконструкција на објекти како спортската сала во Бистрица, како и на проектот за затворен базен.

Дополнително, со европски средства се реализираат проекти за реконструкција на водоводна и канализациона мрежа на повеќе улици и населени места.

Градоначалникот нагласи дека во текот на реализацијата се појавуваат предизвици, но тие се решаваат континуирано, со цел да се обезбеди развој и подобар квалитет на живот. Најави и редовни брифинзи со медиумите два пати месечно за транспарентно информирање.


1317

Задолжително

Verified by MonsterInsights