БИТОЛА МЕЃУ ТОП 5 ЕВРОПСКИ ДЕСТИНАЦИИ ШТО МОРА ДА СЕ ПОСЕТАТ

Битола повторно се најде во фокусот на европската туристичка јавност, откако угледниот веб-сајт Time Out (timeout.com), зад кој стојат локални новинари и експерти ширум светот, ја вброи меѓу најатрактивните, но сè уште недоволно откриени дестинации во Европа за 2026 година.

Во статијата насловена „Најпотценетите дестинации во Европа за 2026 година – скриени бисери подалеку од толпите“, Битола се најде на високото четврто место меѓу 24 предложени локации. Градот е опишан како уникатна дестинација која нуди автентично искуство – од импресивната архитектура до богатата историја што се чувствува на секој чекор во познатиот „град на конзулите“.

Ваквото признание доаѓа во период кога локалната самоуправа активно инвестира во унапредување на туристичката инфраструктура. Еден од највпечатливите проекти е новото осветлување на Широк Сокак, најпознатата и најамбиентална улица во градот, со што дополнително се истакнува нејзиниот шарм и привлечност.

По повеќе од една деценија, во 2023 година беше изработена и нова Стратегија за локален економски развој, со која јасно се детектираат приоритетите за економски и туристички напредок на Битола. Особен акцент е ставен на развојот на потпелистерскиот регион и искористување на потенцијалите на Национален парк Пелистер како значаен туристички ресурс.

Стратегијата овозможи и прецизно мапирање на постојните предизвици на терен, што претставува основа за подготовка на нови и ревидирање на постојните проектни решенија.

Ваквите меѓународни признанија, кои ја прикажуваат Битола во најдобро светло, не само што ја потврдуваат нејзината туристичка вредност, туку претставуваат и силен поттик за нови инвестиции и долгорочен развој – дури и кога тие бараат посветена и континуирана работа.


1230

Задолжително

Verified by MonsterInsights