April 19, 2024

Концерт во Битола за нов старт на Музичка Младина стара 60 години

Синоќа во КИЦ-Офицерски целовечерен концерт одржа камерниот ансамбл „Нонет +“ , камерен ансамбл основан од Музичка младина на Македонија во 2019 година под раководство на диригентот и композитор Ангел Спироски. И, со синоќешниот битолски концерт го започнаа одбележувањето на 6 децениското постоење на организацијата Музичка Младина, чиј основач е една битолчанка.

Овој ансамбл составен од млади музичари е единствен од ваков вид во земјата, а негова цел е камерното музицирање да стане неизоставен дел од репертоарот на младите уметници. Изведуваат композиции од сите музички епохи со посебен акцент на современата музика, дела на С. Барбер , Г. Холст, А. Перт, Х. Бибер …. Настапија Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска.

За одбележуваањето на социјалните мрежи пишуваат: „Пред 60 години, на почетокот на 1963 година, во Битола, група млади музичари, ентузијасти, предводени од младата пијанистка Милица Шперовиќ, самоиницијативно ја основаa организацијата Музичка младина. Во тоа време, кога сѐ уште се поставуваат темелите врз кои ќе се надградува културата и уметноста во Македонија, Музичка младина фаќа чекор со овој развој. Истата година почнуваат активно да се организираат концерти со програмска содржина и дидактичка насока, со што за прв пат класичната музика го наоѓа својот вистински пат до младите.

Оттогаш па сѐ до денес, Музичката младина на Македонија неуморно и безрезервно го поттикнува, негува и штити творечкиот дух на младите, нивната желба за музицирање и еланот кој е од примарна важност за идна успешна музичка сцена.
Тоа го прави организирајќи концерти за промоција на младите уметници; концерти за млади во градинки, училишта, универзитети, музеи, сали, со внимателно избрана музичка програма во консултација со најдобрите професионалци и професори; организира музичко-поетски вечери и настани преку кои се учи за класичната, џез и етномузиката; семинари со истакнати професори од државата и надвор од неа; музички натпревари и летен музички камп за млади музичари.“


1030