„Одвојте време за вистинските знаци“ – темата на Венецијански карневал 2023

Започна Карневалот во Венеција, посебен по должината (трае 3 недели) и маските кои се дел од традицијата на Италија. Карневалот постои со векови, а како и во средновековието кога започнал до денес сите во градот се обраќаат со Г-ѓа или Г-н Маска.

Најголемата прослава во Венеција се случува на отворено, на плоштадот кај црквата св. Марко и низ Големиот Канал, на гондоли. Но, во тек на три недели сео Венеција „владеат“ маски, а балови под маски во венецијанските палати се организираат секоја вечер. Карневалот во Венеција секоја година има различна карневалска тема. Годинава е “Take your Time for the Original Signs” – „Одвојте време за оригиналните знаци“.

Во суштина, тоа значи дека веќе добро познатата карневалска програма, со точно дефинирани манифестации на секој ден од карневалот, може да претрпи само мали промени. Венецискиот карневал започнува со церемонија на отворање, по што следи повторување на церемонијата на отворање следниот ден. Потоа следуваат: поворката на Марија (дванаесет млади венецијански девојки), чекањето на ангелите и летот на ангелите, чекањето на орелот и летот на орелот. На последниот ден од карневалот, на плоштадот Свети Марко се одржува свеченото затворање, при што се крунисува „ Марија“, една од Венецијанките која победила на натпреварот за „најубава Марија“ на актуелното издание на карневалот. Венецијанците потоа ги палат куклите и ги истеруваат злите духови од градот, славејќи до доцна во ноќта. Со ѕвона се најавува крајот на карневалот, а потоа и официјално започнува постот. Завршува на 21 февруари, што значи сеуште имате време да испланирате патување.

Поимот карневал доаѓа од латинското carnem levare што во буквален превод подразбира „елиминирање на месото“и се поврзува со христијанскиот Пост , а маскирањето се поврзува со инкарнација, процесот кога преку маската се создава нов лик.

Карневалот, како обичај, бил замислен во предхристијанско време и е поврзан со паганските култови на плодноста, како што е Дионис – свечености во чест на богот Дионис или римската Сатурналија. Овие прослави биле проследени со големи гозби и разврат. За време на прославата се заборавале класните разлики, оа така и робовите уживале целосна слобода, седеле на иста маса со аристократите (или феудалците).

Сепак Венецијанскиот карневал се смета дека датира од 12 век по големата прослава заради победата на Венецијанската Република врз Аквилеја, град седиште на патријаршија чиј патријарх имал силни територијални амбиции.
