Враќање на ФК „Пелистер“ во Прва лига, зајакнување на школата за добар подмладок, подобрување на спортската инфраструктура

Насловот се трите главни столбови на кои се планираат и ќе се реализираат активностите на Општината и ФК „Пелистер“. Новиот претседател на Фудбалскиот клуб „Пелистер“ Митко Стојковски и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска информираа за идните планови со кои клубот со поддршка од општината планира да продолжи да функционира во понатамошниот период. Согласно програмските заложби на новото раководство, визијата и целите ќе бидат насочени кон стабилизирање на клубот и негово враќање во Првата лига, но и зајакнување на Школата и подобрување на условите за тренинг на младите фудбалери.


„Нашата краткорочна цел е враќање на Пелистер во Првата лига. Знаеме ни претстои пролетен дел, во кој сме во борба за враќање на Пелистер во Првата лига. Имаме силна конкуренција, но во овие 15 натпревари кои што ни претстојат ние ќе направиме се, Пелистер да го вратиме на местото, кое што му припаѓа. На среден рок, она што го планираме е да го стабилизираме клубот, со поддршка од градоначалникот и општината, зошто тие застанаа зад нас, а финансискиот товар е најголемиот дел кај општината. Ја очекуваме таа помош, а она што треба ние да го направиме, јас ветувам пред целокупната фудбалска јавност во Битола, дека ќе се вложиме 100%, да го подигнеме нивото на клубот. Школата, ни е базата на која најмногу сакаме да се посветиме, да ја подигнеме на повисоко ниво, да воспоставиме нов систем на работа на Школата и да го вратиме сјајот на таа битолска школа, која во времето на Југославија била позната во широки рамки, а во Македонија била една од водечките школи во земјата, која што давала доста репрезентативци и првотимци на нашиот клуб. За таа цел, за школата да функционира подобро, ни требаат подобри услови.

Веќе се разговара да се направи еден спортски центар, тренинг центар кој ќе биде база за нашите деца, за децата кои што тренираат фудбал во овој град. За тоа ни треба поддршката од општината, од Фудбалската федерација, а и во делот на општествената одговорност сите други кои ќе најдат интерес и ќе сакаат да помогнат за развој на децата.

Во школата имаме над 400 деца, од 6 години до 18, значи 10 различни генерации. Со нив работат над 10 тренери, затоа реков системот на работа ќе го промениме, ќе ги подобриме условите за работа, за да ја постигнеме нашата крајна цел, а тоа е за неколку години, таа школа да дава првотимци, костурот на првиот тим на ФК Пелистер да бидат деца од нашиот град и со неколку зајакнувања од други клубови, па и од странство, да имаме еден конкурентен тим, којшто ќе се бори во наредните години за излез во Европа. Затоа, во инфраструктурата сите треба да направиме напори да го подигнеме нивото. Битола ќе се гордее со ФК Пелистер, како некогаш. Во оваа прилика бараме поддршка од целокупната фудбалска јавност во општина Битола и секако од Чкембарите, кои што секогаш и кога му оди добро на клубот и кога му е тешко, се наш 12 ти играч и очекуваме безрезервна поддршка и од нивна страна и верувам дека и со нивна помош ќе ги оствариме целите за кои сме дојдени во клубот“, изјави Митко Стојковски, претседател на ФК Пелистер.


Градоначалникот Коњановски, нагласи дека, Битола е град со голем спортски потенцијал, кој заслужува поддршка и поттик.

„Токму затоа веруваме во нашите докажани спортисти и репрезентативци, кои своите резултати ги потврдиле и надвор од границите на нашата држава, како што е Митко Стојковски, со чија помош, како претседател на ФК Пелистер, сигурен сум дека ќе постигнеме стабилизирање и враќање на клубот во Првата лига, каде што и заслужува да биде“, рече Коњановски, додавајќи дека, во понатамошниот период, планирано е создавање на нови тренинг центри со повеќе терени и подобри услови за спортистите, како нов темел на една солидна спортска политика.

Коњановски, информираше дека, ова е дел од заложбата на општината за поддршка и афирмација на спортот и поттикнување на спортскиот дух кај младите луѓе, за што со Програмата за спорт и млади годинава општината издвои 40.100.000 денари. Овие средства се предвидени за поддршка за спортските клубови и здруженија, како и за индивидуалните спортисти, професионалниот спорт, женските спортски здруженија, училишниот спорт, универзитетскиот спорт, како и организација на спортски манифестации преку кои се промовира спортот и се поттикнуваат младите на спортски активности.


1042

Задолжително