April 19, 2024

Стихозбирката „Убавите жени“ на Зоран Пејковски ја доби наградата „Ацо Шопов“

Поетската збирка „Убавите жени“ од писателот Зоран Пејковски ја доби наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година за најдобра поетска книга што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

„’Убавите жени’ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост“, се вели во образложението од комисијата во состав на Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови).

Стихозбирката „Убавите жени“ победи од вкупно 16-те книги пристигнати на конкурсот, кои како што информираат од ДПМ, им припаѓаат на поети од различни генерации.

Во најтесниот избор за наградата покрај „Убавите жени“ влегоа и „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска и „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.

Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов.


1031