Гугл го тестира нивниот чет-бот „Bard“ по големиот успех на „ChatGPT“

Гугл го објавува нивниот чет-бот базиран на вештачка интелигенција (ВИ) наречен „Bard“, како одговор на големиот успех на платформата „ChatGPT“ која е поддржана од Мајкрософт.
Компанијата исто така ја додава технологијата зад „Bard“ во нивниот пребарувач со што ќе овозможува разговори на комплексни теми – како на пример дали е полесно да се научи гитара или пијано.
„Bard“ ќе биде достапен на специјалисти за тестирање производи во понеделник, а во следните недели ќе биде достапен и на пошироката јавност. Исто како и „ChatGPT“ и „Bard“ ќе биде придвижуван од таканаречениот голем јазичен модел, кој во случајот на Гугл е наречен ЛаМДА.
Генералниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, ја потенцираше можноста на „Bard“ да дава актуелни одговори. Во демонстрација на продуктот, како пример беше дадено барање до чет-ботот за тоа како да му се објаснат на 9-годишно дете новите откритија од телескопот на НАСА „Џејмс Веб“, или пак учење за најдобрите фудбалски напаѓачи преку добивање на тренинг вежби кои се слични на оние на најдобрите играчи.
