December 7, 2023

Хуманитарна собирна акција за настраданите во Турција во Битола

Стотици илјади луѓе во 2 минути станаа бездомници во турско-сирискиот земјотрес од пред два дена. За нив е потребна и се спроведува широка меѓународна акција во соработка со турските амбасади или конзуларни претставништва низ светот.
Една таква акција се спроведува во Битола.

19 годишната Назар Салиевска од с. Будаково, Битола со своите две сестри денеска е на плоштадот Магнолија и им помага на луѓето да ги остават пакетите со хуманитарна помош која индивидуално ја намениле за настраданите од земјотресот . Реагирала на гласниот повик на сите кои своите саати во денот минуваат на социјалните мрежи.


„Јас сум организатор и благодарна сум што ми се приклучија и од Ромско-Турското здружение „Ромско Јато “ и Хуманитарната организација „св. Спас. “ вели Назар. Денес е првиот ден на ова собирање на хуманитарна помош, а планираат да бидат на собирното место до в петок, веќе в сабота се што собрале, се што граѓаните на Битола оставиле овде ќе биде испратено кон Турција.
„Собираме зимски алишта што може да се употребат, затоа што таму е ладно и , задоволна сум од моето население, донациите пристигнаа уште од сабајле, за три часа се што гледате е собрано, а до крајот на денот ќе има повеќе донирано“.- вели Назар.
„Пријатно сум изненаден ,во ова време, од битолчани кои се организирани во носењето на хуманитарната помош. Посебно од Назар, која со срце се вложува во ова за помош во ова време-невреме што ја зафати најпријателската држава. Битолчани самоиницијативно се приклучуваат, а и транспортирањето е доброволна активност. “ – вели Рамадан Рустемов од здружението „Ромско јато“.


Суат Алилоски со свои другари ќе помогне да се транспортира хуманитарната помош до Скопје. „Јас сум доброволец, граѓанин, видов преку „Бабам Битола“ што беше објавено дека се бара помош, донација за Турција , па со моите другари помагаме со средства, со возила, со магацин кадешто ќе бидат одложени и запишани сите донации пред в сабота да бидат однесени до Скопје од кадешто преку Црвен Крст и Турската амбасада во Скопје ќе бидат испратени до Турција.“


Ромски, Турски, Албански и Македонски јазик денеска поинтензивно се слуша на плоштадот Магнолија. Луѓе доаѓаат и остваат најлони со зимски блузи, шалови, нараквици, плетени блузи. Некој се фотографира, некој сака да зборува со организаторот и, за сите главното прашање – како и колку бргу ќе бидат доставени донираните пакети. Поддршка со храна и топли напитоци до крајот на денот на овие хуманитарци им дава и ресторанот / вино-бар „Буре“.
„На помош“ на сестрите од семејството Салиевски од с. Будаково им се и неколку улични кучиња, кои би требало брзо да се заловат и отстранат. Затоа што собирниот пункт на Магнолија ќе биде отворен денеска до 16.00часот и следните два дена од 9.00ч до 16.00ч.


1020