April 19, 2024

24 седница на Советот реализирана до половина дневен ред, ќе продолжи попладнево

Најавена за 10.00 часот, 24 седница на Советот на Општина Битола суштински започна на пладне. Причина за тоа беше потребата за прецизирање и оформување на неколку предлози за измени на дневниот ред на седницата.
Најпрвин советникот Ѓорги Ѓоргиевски во својство на претседател на Комисија за статут и прописи на Советот побара повлекување на 26 точка за донесување на урбанистичка документација за проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправните објекти изградени во КО Магарево затоа што уште на комисиската седница побарале дополнитени објаснувања од општинската администрација. Предлогот беше прифатен.
Советникот Иван Чулаковски предложи на дневен ред да стои точка со која од Општината ќе биде побарана информација за текот на барањето Детското одмаралиште на Пелистер да биде дадено на општинска надлежност. Ова барање било испратено до Министерството за труд и социјална политика пред една година. Предлогот беше прифатен, а советниците електронски во текот на денот ќе ги добијат информациите, рече претседавачот Илиевска.
На крај советникот Борче Корлевски изнесе неколку предлози за измена на дневниот ред. Најпрвин иницијативата на жители од селата Крклино, Горно Оризари и Раштани за асфалтирање на 1 километар пат кој ги поврзува овие села. Како што објасна, на оваа делница веќе се работело и поставени биле надвозници и изграден мост, а асфалтирањето на патот ќе го намали оптеретувањето на клучката за влез во Битола којашто дневно ја минувале 300 возила од овие села. Корлевски иницираше и точки на дневен ред кои би значеле одлуки на Советот за барање финансиска подршка за програмата на ЈКП Комуналец за селектирање на отпад кадешто се предидува набавка на 260 контејнери како дел од јавен повик на министерството за животна средина и просторно планирањ , учество на општината во актуелните владини повици за финансиска поддршка на општините со средства за инфраструктурни проекти како дел од стратегијата за интеграција на ромското население. Побара и точка на дневен ред на која ќе се расправа за разрешување на сите членови на управните одбори во јавните комунални претпријатија и општинските училишта, што го базира врз сознанијата од ревизорските извештаи според кои во сите овие имало неправилности во работењето. А побара и на денешната седница да се расправа за планот на општината во решавање на проблем со греењето во градинката во населбата Стрелиште.
За овие предлог измени на дневниот ред, претседателката Габриела Илиевска во 30 минутната пауза доби информации од општинската администрација дека патот е дел од програмата за реконструкција и одржување на патишта и ќе биде асфалтиран оваа година, и, дека Општината веќе е информирана од Владата за сите јавни повици и постапува односно конкурира со соодветни проекти на одредените јавни повици. Предлозите не се гласаа дали ќе бидат ставени на дневен ред, а за тие што се гласаше, не беа изгласани.
Советниците до паузата ги изгласаа плановите на јавните комунални претпријатија за вработување, измена на статутите на ЈП пазари и КИЦ Битола потребни за правно односно законско усогласување и иницијативата за барање финансиска помош од Владата за решавање на проблемот со бездомни кучиња.
Советниците прекинаа со расправа по точките кои се однесуваат на разрешување и именување на членови на управните одбори на претпријатијата и училиштата кадешто членовите се повлекуваат или им завршува мандатот.

24 седница ќе продолжи попладнево, откако за предлозите најпрвин ќе се произнесат комисите за мандатни прашања избор и именувања и комисијата за финансии и буџет.


1016