March 28, 2024

Детското Одморалиште на Пелистер нема да стане општински објект

Министерството за Труд и Социјална Политика ( МТСП) има план да го рестартира и обнови Детското одморалиште на Пелистер. Ова е официјалната информација што денеска ја добија битолските советниците на барањето испратено пред безмалку една година за добивање сопственост над овој туристички објект. Ставот на министерството за труд и социјална политика бил донесен на седница на колегиум на државни секретари на министерствата од 9 февруари оваа година. Советот денеска , донесе Одлука со која на Општината и наложи да се обрати во Министерството и да добие информација од МТСП дали Детското е составен дел во некоја од програмите на Министерството и која, колку пари се предвидени за рестартирање на објектот, дали досега можеби се одвоени средства и, која е временската рамка односно динамика за започнување и завршување на работите, со оглед дека во моментов такви активности во Детското одморалиште нема.

Дискусијата за сопствеништвото на објектот започна на почетокот на седницата кога советникот Чулаковски предложи точка на дневен ред која предвидува барање Информација за текот на битолското барање за давање сопствеништво на објектот испратено во МТСП што Советот едногласно го усвоил на седница во март минатата година. А продолжи по добивањето на негативната информација. Советникот Бојковски прочита дел од дописот што Општината го добила од Министерството дека „МТСП нема да даде согласност за престанок на користење и пренесување на сопственост на недвижна ствар на Општина Битоа од причина што ќе го реобнови и ќе го стави во функција на Министерството“. Притоа ја најави согласноста на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со предлогот на претседателката на Советот Габриела Илиевска од МТСП да бидат побарани деталните информации за плановите . „, Крајно неодговорно една година да не добиеме известување во врска со објектот иако знаеме дека таму ќе се работи и на пречистителна станица“ – рече Илиевска.

Советникот Борче Корлевски, а потоа и советничката Жаклина Наумовска предложија ваква одлука да биде донесена и за реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер , со оглед на фактот што општината веќе префрлила финансиски средства на правниот субјект кој треба да го реализира обновувањето на овој објект. „Овде изгласавме дека ќе се реконструира и Копанки, ама претставникот на комисија за туризам рече дека средствата се префрлени а нема сеуште проект, да ни одговорат за кое време ќе се изгради. Чулаковски велеше во 2022 година дека ќе биде завршено и во функција „Копанки“. Да знаеме кога?Одвоени се општински пари!“- рече Корлевски.

Сепак,предлогот советниците да добијат информација и за текот на реконструкцијата на „Копанки“ не беше земен во предвид, а одлуката за Детското одморалиште едногласно изгласана.

Инаку, дел од детските одморалишта кои беа во државна сопственост пред 7 години беа дадени на продажба, а ова на Пелистер дури три пати , еднаш и покрај фактот што во тој момент беше издадено под концесија на времетраење од 20 години. Низ продажбите, објектот и просторот околу него со површина од околу 3.800 квадратниметри биле проценети на 500,000 до 800,000 евра.

Фото насловна: НП Пелистер


1206