March 21, 2023

Битола и Делегацијата на ЕУ ги официјализираа меѓусебните релации со потпишување на меморандум за соработка, па Офицерски станува седиште на Европска куќа

Градоначалникот Д-р Тони Коњановски и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Н.Е Дејвид Гир, а во присуство на мининстерката за култура Бисера Костадиновска и претседателот на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска денеска потпишаа меморандум за соработка со кој се отвора патот Офицерски да стане дел од мрежата на т.н европски куќи – места за млади кадешто ке се разменуваат искуства и знаења за Европа, Европската Унија и генерално, за политиките и културите во земјите во чие друштво Македонија претендира да биде.


Градоначалникот Д-р Коњановски потсети дека Битола во својата историја го носи епитетот „европски град“ и дека показатели за тоа има на секој чекор. По изразената согласност за поцврсти врски со Делегацијата на ЕУ изјави : „Со денешното потпишување на меморандумот за разбирање, Битола продолжува европски да се развива и преку соодветно организиран простор, кој ќе биде наменет пред се за младите, за средби, дискусии, учење, информирање. Тоа значи дека, продолжуваме со активности кои значат функционалност, одржливост и успешност на еден проект, реализиран со финансиска поддршка од Европските фондови, а тоа е реконструираниот објект на Офицерскиот дом. “
Европските куќи се како прозорец, асоцираше амбасадорот Гир информирајќи дека досега вакви центри се отворени во Скопје, Крива Паланка и Струмица, а се планирани вкупно 9. „Со прозорците, секогаш можете да видите во двата правци. – рече Дејвид Гир. Првиот правец на којшто може да гледаат младите, локалното население, е правецот кон Европската унија, односно да гледаат на патот кој што ги води кон ЕУ. Второ, прозорец низ кој локалното население, не само во Вашата земја, туку и во земјите членки на Европската унија, може исто така, да го видат огромното богатство, огромното културно наследство, што сите Вие како земја, меѓутоа и како град Битола, што може да го понудите на Европската унија.“


„Логичен чекор за Битола е да има една ваква институција на Широк Сокак и секако во Офицерски“, смета министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска која денеска се заблагодари на последните два советнички состави и градоначалници кои (со своите одлуки н.з) овозможиле реконструкцијата да биде завршена. „Офицерски дом опстојува 114 години откога е изграден, и Офицерски дом пркоси на сите погоди и непогоди што во Битола се случиле….Офицерски минатата година доби заштита од највисок национален интерес за да може да му ја пружаме заштитата што ја заслужува. Чест ми е што тука ќе ги видиме сите убавини што Eruope House може да ги пружи , а кон уште поголемо развивање на културната сцена во Битола“ – рече денеска Костадиновска-Стојчевска.


Затоа што културата и идните генерации се подеднакво важни, ЕУ и Делегацијата на ЕУ во Македонија опреми ваквите простори во три градови кадешто досегашните искуства покажуваат активности организирани од групи, заедници и организации кои се запознаваат со добрите европски практики и вредности на земјите членки но и кандидати за членство во Унијата. Така, последниот настан организиран од скопската европска куќа е одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кога прозорците на зградата кадешто е сместена Делегацијата и Европската куќа беа облепени со цитати од романи на македонски автори.


Повеќе за Europe House во Македонија https://www.euhouse.mk/